Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово, сепак, ќе има

Извршниот комитет на најголемата опозициска партија ја отфрли јавно објавената иницијатива на актуелни и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ за одложување на вонредниот конгрес закажан за 22 и 23 декември.



Иницијативата што беше објавена во медиумите не добила поддршка и таа нема да се најде на денешната седница на Централниот комитет на партијата, на која ќе се расправа за подготовките за вонредниот 16. Конгрес, кој ќе се одржи во најавениот термин во Валандово, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Триесетина членови на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и некои од основачите на оваа партија, испратија отворено писмо во кое бараат вонредниот Конгрес на партијата на кој треба да се избере лидер, да биде презакажан во февруари идната година.

Како причина на ваквото барање, зад кое стојат потписите и на Илија Димовски, Антонио Милошоски, Трајко Велјановски… се наведуваат „сериозните проблеми настанати во процесот на организирање и спроведување на Конгресот“, бараат зголемување на бројот на делегатите од сегашните над 500 на 5.000, сметаат дека партијата има потреба од „нов концепт на функционирање во кој ќе се почитуваат традицијата, успесите и вградениот труд на секој член, но и ќе се дава постојана шанса на нов и свеж потенцијал“ и се залагаат за фер натпревар во рамките на партијата како принцип и вредност за целата држава и за сите нејзини граѓани.

Според потписниците, имало притисоци во прилог на еден кандидат – генералниот секретар на партијата Христијан Мицковски.

Досегашниот лидер Никола Груевски во неколку наврати изјави дека не фаворизира ниеден кандидат.

Досега кандидатура за иден претседател на ВМРО-ДПМНЕ најавија Филип Петровски и поранешната новинарка Емилија Гелева, која вчера на „Фејсбук“ ја објави својата намера.