Комисијата за заштита на конкуренцијата во рамките на своите надлежности пропишани во Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи изврши ненајавен увид во четири трговски ланци и во една од стопанските комори во која се здружени истите.
Увидот е извршен поради постоење на сомневање дека неколку ланци на маркети кои вршат трговија на мало со прехранбени и непрехранбени производи го прекршиле член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата, кој забранува картели односно забранува договори и усогласено однесување на две или повеќе претпријатија, а се со цел нарушување на конкуренцијата.
При контролата во службените простории на правните лица, извршен е увид во службената документација и направен е и увид во средствата за електронска комуникација при што се пронајдени докази дека истите донеле незаконита одлука која и јавно ја објавиле преку средствата за јавно информирање.
Контролираните субјекти спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата донеле забранета одлука односно се договориле дека ќе делуваат усогласено и нема да набавуваат стоки од добавувачи кои ќе достават нови ценовници за нивните производи, поради што е поведена прекршочна постапка.
Комисијата за заштита на конкуренцијата интензивно врши контроли кај повеќе правни субјекти кои имаат свој удел во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи и ќе преземе најригорозни мерки и санкции на секое нарушување на конкуренцијата на пазарот и нема да дозволи никакво изигрување на законите на штета на граѓаните, се вели во соопштението од Комисијата за заштита на конкуренцијата.






