Колоски од ОМД: Замислете дебата „Има ли бугарски јазик?“ на МРТВ!

Методија Колоски, претседател на Обединета македонска дијаспора (ОМД), реагира преку својот профил на „Твитер“ на изнесеното во емисијата на тема „Постои ли македонски јазик“ на Бугарска национална телевизија (БНТ).



„Замисли МРТВ да направеше дебата ‘Има ли бугарски јазик?’. Веднаш ќе се побунеше Владата на Бугарија и ќе прогласеше дека Македонија ги загрозува добрососедските односи. Но, кога БНТ има дебата за македонскиот јазик, Владата на Македонија молчи!“, твитна Колоски.

Реакцијата на првиот човек на ОМД ја испровоцира излагањето на доцент Ана Кочева од Институтот за бугарски јазик при Бугарска академија на науки (БАН), според која „официјалниот јазик на Република Македонија е деструктуриран бугарски јазик“.

„Што се однесува до феноменот што во Македонија го нарекуваат македонски јазик, а ние го нарекуваме писмено-регионална форма на бугарскиот јазик, поради својата многу сложена историска судбина, бугарскиот јазик бележи рекорден број обиди за создавање на писмено-регионални форми. Природниот развој на јазикот е врз основа на еден дијалект или на група дијалекти, но нешто такво не се случува во македонската реалност поради македонизмот. Таткото на македонизмот е Србин – Стојан Новаковиќ. И тој се родил за да се противстави на бугарштината во Македонија, потоа со големо задоволство е прифатен од Коминтерната, вклучувајќи ги и бугарските коминетрновци во 1930-тите, под коминтерновски диктат го наложуваат создавањето на т.н. македонски јазик, кој си има датум на раѓање – 2 август 1944 година – нешто што ниту еден друг јазик не го познава“, рече Кочева во емисијата на БНТ.

Во член 8, став 2 од потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија ова прашање им е оставено на јазичарите да го дискутираат, напомна таа.