Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени од банките во мај изнесува 5,49 проценти. Истиот месец на вкупните депозити се пресметувала просечна стапка од 1,86 проценти. И двете стапки бележат годишен раст, првата за 0,40, а втората за 0,64 процентни поени.
Сепак, кај стапката применета во кредитирањето, според информацијата на Народната банка за позначајните мајски движења во овој сегмент, има месечно намалување за 0,02 процентни поени. А, таа за влоговите бележи дополнителн 0,04 процентни поени.
Воедно, за новоодобрените кредити просечната каматна стапка е 5,19%. Овде има и месечен и годишен пад за 0,28, односно за 0,13 процентни поени. Месечен пад од 0,18 п.п. е регистриран кај просечната стапка на новите депозити доверени во банките, на годишна основа има раст од 0,43 п.п., па во мај изнесува 2,36 проценти.
Гледано по сектори, за корпоративниот, односно за неговите вкупни кредити стапката е со месечен минус од 0,04 п.п. и во мај е на ниво од 5,31 процент. Намалувањето е предизвикано од намалените каматни стапки за сите видови кредити. Анализирано на годишна основа, просечната стапка има раст од 0,50 процентни поени.

Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор, пак, во петтиот месец од годинава изнесува 5,16% и на месечна основа е намалена за 0,41 п.п, што се должи на пониските стапки на денарските кредити со валутна клаузула. Исто така, има и годишно намалување за 0,20 процентни поени.
Просечната камата за депозитите на компаниите од 2,21% е покрепена со месечен раст од 0,10 п.п., поради тоа што се зголемиле стапките за девизните депозити и за денарските со валутна клаузула. Годишниот раст е за 0,29 процентни поени. Повеќе на порталот Пари.





