Приватната журка на Ципрас и Заев во центарот на Атина го носеше атрибутот на меѓународна средба, но на неа ја немаше Македонија. Ја немаше официјално, во службена употреба, што би се рекло. Дали со намера или од немање чувство за дипломатска куртоазија, на средбата не биле поканети некои од македонските власти, ни поранешни ни сегашни, реагира во колумна за „Нова Македонија“ насловена „Театар на апсусрдот“ на новинарот Панде Колемишевски.



„Ако зборот апсурд во своето најпросто значење значи нешто нескладно, бесмислено, нелогично, она што се противи на нормалното сфаќање и здравиот разум, во таа насока треба да се сфати и театарот што минатите два дена се одигра во Атина. Претставата се играше по повод шестгодишнината од потпишувањето на Конечната спогодба од Преспа, по која Република Македонија си ја доби додавката Северна, остана без своето дотогашно име“, пишува Колемишевски.

Откако набројува кој се’ бил присутен на настанот, меѓу кои и „неизбежниот Јоханес Хан, кој на Владата на Заев ѝ препорача и ѝ одобри примена на „балкански методи“, за Спогодбата да стане уставна категорија и Македонија да го смени името, Колемишевски вели:

„Приватната журка на Ципрас и Заев во центарот на Атина го носеше атрибутот на меѓународна средба, но на неа ја немаше Македонија, Ја немаше официјално, во службена употреба, што би се рекло. Дали со намера или од немање чувство за дипломатска куртоазија, на средбата не биле поканети некои од македонските власти, ни поранешни ни сегашни.

Присуството само на личните пријатели на Заев, меѓу кои Владо Бучковски и Венко Филипче (од каде па тој?) повеќе го урна одошто го подигна угледот на средбата. Тие слики ни покажаа дека Заев можеби ужива некаков углед во Грција и нешто пошироко, но авторитетот во Македонија му е блиску до нула. Освен кај заблудените во СДС, никаде на друго место не може да се појави со кренато чело.

Не е чудо што таму ја немаше новата претседателка на Македонија, Гордана Силјановска, која не гледа со симпатии кон Спогодбата и што нема некој важен од составот на Мицкоски. Чудно е како македонскиот режисер од Струмица не го викнал на сцената стариот претседател Стево Пендаровски, кој искина уста фалејќи ја и поддржувајќи ја преспанската направија, како и зошто го оддели својот неразделен коалициски партнер Али Ахмети, барем како слика за мултиетничкиот Балкан.

Да немаше страв, ќе го поканеше дури и Ѓорге Иванов, тогашниот претседател на државата, кој од принципиелен став не ги потпиша документите, вели Колемишевски и додава – ама го нема и Талат Џафери, кој го потпиша она што не сакаше да го потпише Иванов. Никој не може да ги избрише заслугите на Ахмети и Џафери за спогодбата од Нивици.

Пораките што се упатени оттаму за чување и почитување и целосна имплементација на Спогодбата од Преспа, без сомнение се на адреса на новите македонски власти, кои имаат поинаков пристап и толкување. Тој поинаков пристап стана официјален на денот на инаугурацијата на новоизбраната претседателка, кога го испушти зборот Северна, што предизвика лавина реакции.

Тие пораки се чукање на отворена врата кон владата на Мицковски, довикување преку кулиси, преку ѕидови. Она што Заев не може да го реализира во Македонија го прави преку Атина и со сомнителна меѓународна поддршка“ констатира Колемишевски.