„…претседателската функција е формалноправно прва во државата, но суштински е четврта-пета.



Во сегашниов случај, по својата позиција, моќ за влијание и решавање, Пендаровски е на петтото место. Него во заднина го истиснаа Зоран Заев, Али Ахмети, Талат Џафери, Димитар Ковачевски, дури и еден Артан Груби, личности што ја наметнуваа македонската политика во мандатот на претседателот, кој само ги потпишуваше одлуките, беше нотар на нивните договори“, пишува новинарот Панде Колемишевски во колумна за „Нова Македонија“ насловена „Не е среќа да си претседател на Македонија“.

Колемишевски смета дека првиот човек на македонската држава, претседателот, и да сака, тешко би остварил нешто повеќе од она што му го овозможува Уставот, иако за три децении тој устав не само што доживеа драстични промени туку повеќе беше предмет на прекршување, на креативно толкување и анархично спроведување, одошто на зачувување. Според протоколот, претседателската функција е формалноправно прва во државата, но суштински е четврта-пета…

@Иако Пендаровски и сите негови претходници бараа национално и граѓанско единство, никому не му успеа таквиот напор. Никој не се стекна со слава на обединител. Никому не му успеа да ги наведе на разумен однос и пристоен дијалог двете најголеми партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и да ги насочи заеднички да работат за интересите на граѓаните, на државата и на македонскиот народ, макар во минимални дози.

Никој не стана претседател на сите граѓани во вистинска смисла. Никако не можеа да се одвојат од партискиот шинел под кој ги добија мандатите. Никој не заврши без мана, ниту еден не е испратен со слава и фала“- пишува Колемишевски.