До вчера владејачката СДСМ, сега изложена на столбот на срамот, допрва ќе ги собира чаурите од политичките ќор-фишеци испукани во текот на изборната кампања и од владеењето во минатите седум години, се разбира ако има сила да го самоанализира целиот тој период, пишува новинарот Панде Колемишевски во колумна за „Нова Македонија“, насловена „СДСМ – без збогување со политиките на Заев нема иднина“.



„За овие минати 34 години од самостојноста е докажано дека СДСМ не е партија што лесно се освестува, ниту кога е на власт ниту кога е во опозиција. Ниту си ги лекува традиционалните рани и болести“ вели долгогодишниот познавач на македонската политичка сцена и додава дека партијата „грешките си ги повторува, како дневен оброк“.

Колемишевски вели дека иако СДСМ цело време го форсираше погледот кон иднината, ќе мора да се соочи со минатото ако сака да ја пресоздава својата иднина.

Во тој контекст, Колемишевски, меѓу другото, пишува:

„Треба да се има храброст да се признае хаотичната улога на поранешниот претседател Зоран Заев во процесот на уништувањето на позициите на Социјалдемократскиот сојуз во македонската политика. И да се најдат сили партијата да им се извини на членството, на симпатизерите, на гласачите, на злоупотребените луѓе во „бомбите“ од прислушувањето, на наивните учесници во Шарената револуција.

Како што Заев имаше сили да се извини за лошите постапки на своите претходници, тоа сега за Заев треба да го сторат неговите наследници. Без збогување со Заевите јавни и подземни политики СДС ќе тоне и натаму.

Политиките што ги водеше Заев може слободно да се наречат напредни, прогресивни, далековиди, визионерски, проевропски и европски, но резултатите од тие политики се катастрофални – СДС претрпи два најтешки пораза, еден на локалните, друг на собраниските избори.

Тие исходи ја доведоа партијата на маргините на македонската политика, речиси целосно го минимизираа и обезвреднија влијанието врз натамошните државотворни процеси и ја поделија до степен на внатрепартиска нетрпеливост и одмаздољубивост.

Гледано објективно, кадровската политика на партијата не донесува лидерски зрели плодови. По Петар Гошев и Бранко Црвенковски имаше краток експеримент со Хари Костов, еден неуспешен обид со Бучковски, еден промашен мандат со Радмила Шекеринска, еден погубен со Заев и еден тотално аматерски со Ковачевски.

Кој ќе биде следниот“? – прашува Колемишевски.