Безбедносни Реформи
Еден од клучните елементи за проблемите со внатрешната безбедност, надворешната политика, високата корупција, криминалот, (не)владеење на правото и одбраната е немање на ефикасен Разузнавачкиот безбедносно систем – РБС (кратенка понатаму во текстот). За да се добие детална слика за вистинските проблеми во РБС мора да се направи непристрасна анализа на сите нивоа кадровски, структурални, функциски, системски и интегративни.
Поради комплексноста на темата и во интерес на просторот оваа анализа ќе ја поделам во три дела. Првиот дел ќе го обработи проблемот со слабоста на (не)славните реформите во разузнавачко безбедносниот систем. Вториот дел ќе покаже точно каква реформа ни е потребна. Во третиот дел ќе биде предлог решенија за моменталните проблеми во безбедносниот системот.
Проблемот со слабостите, предизвиците, а особено политичкото влијание во разузнавачко безбедносниот систем е глобален проблем. Авторот Ури Бар Урлих детално го обработува проблемот со политизација на службите во демократските, авторитарните и транзициските или млади демократски држави. Нема дилема дека службите се политизирани во авторитарните држави кои служат да се дадат податоци кои му одговараат на автократот. Во развиените демократии, особено во САД, авторот покажува дека има голема политизација и покрај тоа што моделот на работа на службата (внатрешната организација на менаџмент со податоци) е независна. За транзициски или млади демократии, Урлих докажува дека многу е мала довербата во безбедносните служби, кои најчесто се користени како алатка за политичка опресија. Овој опис одлично ја отсликува состојбата со Македонскиот безбедносен систем. Оттука не е чудо што (не)славните безбедносни реформи само ги ослабија и пасивизираа службите.
Најголем проблем е што никој досега не се запраша како несоодветните реформи во безбедносниот сектор влијае врз општеството и благосостојбата на граѓаните? Генерализирано, резултати од ваквата лоша безбедносна состојба се влевање на страв и несигурност кај граѓаните, губење на меѓу граѓанска солидност и претворање на општеството во безредие и непослушност, кршење на законот се претвори во „престиж“, а доверба во државата и институциите нема!
Бидејќи сето ова е обратно пропорционално на развој, напредок, а особено што го изгубивме чекорот со подготвеноста за пристапни преговори со ЕУ, не дај Боже да почнеме пристапни преговори утре.
Реформи? Зошто?
До денес, ние сеуште не знаеме дали воопшто ни беше потребна реформа, а ако е потребна, каква точно? Нема дилема дека требаше да се направи промена. Но, каква? Моја проценка е реформата е некомплетна бидејќи е опфатен само структурален дел од потребната трансформација. Затоа проблемите што ги имавме само метастазираат и ја менуваат формата, а политичката контрола врз службите само се зголемува! Потребна е системска реформа на внатрешната функционалност односно моделот на менаџмент со информации во службите. Ова ќе го објасниме во вториот дел детално.
Оние политичари кои мислат дека преку директна контрола на службите ќе имаат апсолутна контролата на политиката, се лажат! Бидејќи успешни политичари и/или партии се оние кои се грижат за електоратот, обезбедуваат видлив развој и просперитет од нивните политики и оние кои ги штитат државните интереси. Безбедносните служби се нивен сервис за да бидат успешни во разботата, а не алатка за политички пресметки и опресија! Најдобар пример за ова во Македонија се двата случаеви со незаконско прислушкување. Прислушуваните материјали се давани на „сивата еминенција“ од опозицијата за да се смени власта. Ако тие што ги ваделе материјалите се вистински свиркачи, зошто не ги дале истите во медиумите како тоа што го направи Сноуден? Потоа истите материјали биле користени за политичка опресија како што ја дефинира авторот Урлих.
Што е направано во процесот на „реформи“
Имено, нефункционалноста и злоупотребата не само на службите туку на целиот државен апарат јасно беа дефинирани и објаснети во извештаите на Рајнхард Прибе. Неговата проценка за системот во 2015 и заклучоците од напредокот од 2017 година, заклучува: дека може да се направат било какви реформи, но ако не се воведе механизам да се управува и контролира човечкиот фактор било која реформа и да се направи ќе пропадне. Тој во извештајот наведува дека УБК има концентрирано моќ без законски решенија, цивилна и парламентарна контрола. Затоа Ве охрабрувам да ги прочитате двата негови извештаи (достапни на линковите) и сами да направите разлика со реалната состојба во која живееме денес.
Во 2015/16та се отпочна детална анализа на проблемите во разузнавачко безбедносниот систем, но жал не се заврши. Сите служби работеа сложно, бидејќи сите знаеја дека потребно е нешто да се менува. За жал домашно не напишавме односно да видиме точно каква реформа ни беше потребна. Симптоматично е што сета таа анализа одеднаш се тргна на страна.
Проблемот со реформите е што Владата која ја презема власта во 2017та, наметна темпо на „експресни реформи“. Селективно се употреби извештајот на Прибе за да соберат политички поени пред меѓународната јавност, а при тоа да ја задржи апсолутната контрола врз службите! Владата беше слепо фокусирана на сегмент од извештаите на Прибе, каде УБК требаше да се трансформира во нова посебна служба, надвор од МВР, а прислушкувањето биде преку медијатор агенција, Оперативно Техничка Агенција – ОТА помеѓу комуникациските оператори и службите. Со ова реформите се прогласија за успешни и завршија! Тука проблемот се зголемува. Ова е само еден мал дел што би требало да биде направен.
Корен на проблемот
Направените реформи во безбедносниот сектор не се успешни бидејќи не е направена промена на моделот на менаџмент со информации во самите служби.
Кога веќе било одлучено да се креираат нови агенции и да се менува структурата, потребно е да се менува и моделот на менаџмент со информации во секоја служба. (Не)славните реформи, само ја сменија формата на „стариот добар“ систем! Каков модел е потребен ќе објаснам во вториот дел, а сега ќе ги дефинирам причините зошто тоа не е правено.
Коренот на проблемот е во комбинација од не знаење и не сакање. Раководната структура на службите нема капацитет да препознае дека е потребна промена на моделот на менаџмент со информации. Секоја чест на исклучоци. Тие само ја менуваат шминката, за да не ја изгубат контролата! Едноставно не разбираат што точно треба да се направи! Очекувано е да не сакаат да се спроведе ваква реформа, бидејќи истите ќе мора да си заминат од тие места.
Генерално, раководната структура на службите се кадри од претходниот авторитарен режим. Се лутеле или не! Тие се градат низ политичките кулоари како „сива еминенција“ или „безбедњаци“ кои во реалност нивната моќ ја црпат само од политичката партија! Повторно, секоја чест на исклучоци. Но, и кога дошле на функција биле експресно сменети бидејќи се закана со знаење и принципи! Претходните се склони на непринципиелни и несовесни активности со цел да се исполни пред се личната и партиската агенда, а крајна цел е да се задржи власта и контролата! Апсурдот да биде поголем, дел од овие „безбедњаци“ биле со посета на странски служби и завршиле некои од специјалистичките курсеви. Но, за жал се што виделе и што им била дадена можност да научат, ништо немаат применето дома!
Верувам дека еден дел нив се добри луѓе како личности, но професионално воопшто не одговараат на денешницата. Едноставно немаат капацитет и знаење да се носат со моменталните предизвици, ниту пак имаат било какво воено, безбедносно, разузнавачко или меѓународно искуство во работата. Па затоа и реформите се некомплетни и не професионални. Имаме сериозен проблем со оформување на надворешна политика, имаме сериозни проблеми со сепаратизмот и етнички ексклузивитет, имаме сериозни проблеми со корупцијата и организираниот криминал. Оние кои треба да имаа широки погледи, се затворени во кутијата на шпекулации, кој што рекол, кој со кого бил и секој еден го гледаат низ призмата на политичка закана! А не дај Боже, некој да покаже повеќе знаење од нив.
Ако развиените демократии како САД или Велика Британија имаат луксуз, како што потврдува Урлих да си дозволат политизација на службите, малите држави немаат. Тие веќе имаат институционална меморија на демократски систем и доколку имало злоупотреба порано или покасно самиот систем на државата ќе го реши. Ние како држава немаме простор за грешки, а најмалку луксуз! Кога некои несовесни политичари непромислено дозволија луксуз, мораше да го променат Уставното име! Луксузот го продолжија, ЕУ ни ја „тресна вратата пред нос“! Нема простор за грешки! Особено Македонија која е опкружена со предатори од сите страни, каде службите се единствената заштита на државата, интегритетот, демократијата и просперитетот.
Денес корупцијата и криминалот ни го зема просперитетот! Од ниво на кое бевме заедно со Хрватска во 2008та, паднавме на ниво на Косово!
Следната анализа ќе обработи точно каква реформа ни е потребна односно ќе го објаснам моделот на менаџмент со информации кој треба да се имплементира.
Проф. Зоран Иванов
Екс директор на Агенцијата за разузнавање






