Затворските службеници правеле пазар со осомничните. Двајца се фатени и им се заканува бркање од работа, останатите кои ќе бидат фатени ќе бидат и казнети. Сите затворски полицајци „со валкани“ значки, ќе се најдат зад решетки, рече директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов. Најави дисциплинските постапки против двајцата затворски полицајци од затворот во Шутка кои му дале телефон на Васил Јованов, кој на „Партизанса“ ја прегази Фросина Кулакова.

- Има дел затворски полицајци кои што работат во затворот Шутка кои не треба да носат полициска униформа и го срамат цел затворски систем. Треба да им биде јасно дека сите до еден ќе бидат фатени и ќе бидат избркани од работа. Ќе се потрудам со цел мој авторитет којшто го имам тие да се најдат позади решетки, рече Пандов.
Пандов нагласи дека по пронајдениот телефон кај Васил Јованов, полициски службеници од Интервентната полиција отишле да направат претрес во притворскиот дел, при што биле пронајдени 70 телефони. Три дена подоцна, во истиот дел од затворот биле пронајдени уште 35 телефони.

- Откако викендот беше пронајден телефонот во Шутка, веќе во понеделникот од Интервентна полиција веќе беа отидени таму да направат претрес во притворскиот дел и беа пронајдени 70 телефони. По два-три дена подоцна повторно извршија претрес таму и беа пронајдени 35 телефони. Вчера, исто така, во полу-отвореното и отвореното одделение најдоа 30 и нешто телефони. Тоа се бројки што мене ме загрижуваат, рече Пандов.
Претходно, Интервентна полиција направила контрола во штипскиот затвор и затворот во Струмица, каде престојуваат 110 затвореници, но, таму биле најдени само три телефони.





