Берзата ги објави резултатите за сите 94 котирани акционерски друштва за првиот квартал од годинава, а тие говорат дека според добивките, повторно главни на тронот се добропознатите банки и компании. Нивните профити и за само едно тримесечје се мерат во силни милиони евра.
И за првиот квартал најголема добивка има Комерцијална банка, со остварена чиста добивка од 19,20 милиони евра. Во однос на истиот период лани тоа е зголемување за 13,41 отсто.
На второ место според големината на добивката е Стопанска банка Скопје. Таа изнесувала во првите три месеци од годинава 14,02 милиони евра. А, оваа банка има од првата петорка убедливо најголем раст на добивката во однос на истот период лани, и тој изнесува 23,35 проценти.
На трето место е НЛБ Банка, со чист профит за три месеци од 11,03 милиони евра. Во однос на истиот квартал од минатата година тоа е намалување за 15,48 отсто.
Македонски телеком има во првиот квартал добивка од 8,95 милиони евра, што е раст за 15,18 отсто во однос на истиот период лани.
Фармацевтскиот гигант „Алкалоид“ во првите три месеци од годинава има нето добивка од 7,8 милиони евра, што во однос на истиот период лани е зголемување за 8,59 проценти.
Извор: Фактор





