Владата им ги намали коефициентите за пресметка на плата на 157 функционери, покажува одлуката објавена во Службен весник. Станува збор за функционери што таа ги именува. Со одлуката се намалуваат коефициентите на генералниот секретар на владата, владиниот портпарол, националните координатори и нивните заменици, директорите на управите, на инспекторатите, на бироата, државните комисии, агенциите, заводите, фондовите, директорите на затвори…
Коефициентите за функционерите што ги именува Владата се намалуваат за 12,8 проценти, одговорија од оваа институција на прашање на Радио Слободна Европа.
Според Одлуката, објавена во Службен весник, коефициентите за функционерите што ги назначува Владата сега се движат од 1,91 до 3,48
Сепак, и покрај намалување на коефициентите за пресметка на плата, функционерите нема да останат со куси ракави. Нивните плати нема да се намалат или благо ќе се зголемат и покрај намалувањето на коефициентите, затоа што просечната бруто плата е покачена за 15 отсто. Просечната бруто плата во 2022 година била 47.637, а во 2023 година достигнала 54.916 денари.
РСЕ





