Кога компаниите ќе ги добијат парите од унгарскиот кредит?!

Бизнисот многу скоро ќе ги добие унгарските пари, уверува власта. Условите остануваат исти, па така државата во целост ќе ја плати камата од 3,25% кон Експорт-импорт банката во Унгарија. Економисти во изјава за МРТ1 велат дека на стопанството му требаат свежи пари веднаш, за поголема конкурентност. Професорот Борче Треновски вели дека мора да има реформи за успешни компании.



Домашните компании ќе ги добијат парите од унгарскиот заем под истите услови под кои беа земени, рече денеска премиерот Христијан Мицксоки. Тој уште еднаш кажа дека парите се стигнати, но уште се преговара со комерцијалните банки околу тоа каква би била обврската на државата кон нив.

  • Парите од унгарскиот заем се веќе стигнати, тука се, на сметката на Народната банка. Уште се преговара со комерцијалните банки околу делот на тоа каква би била обврската на државата кон нив. Очекувам сите заедно да направиме нешто за државата и економијата, рече премиерот.

Од унгарскиот кредит за бизнисот се планирани 250 милиони евра. На компаниите им тревбаат пари за подобро работење.

Додека банките тактизираат со објавувањето на висината на провизиите од унгарскиот кредит, бизнисот бара пари веднаш. И првиот човек на стопанската комора Бранко Азески ги повика и Владата и банките, да го имплементираат договореното.

Од банките наведуваат дека договорот е речиси финализиран, но имало уште неколку ставки што требало да се допрецизираат.

Банкарите очекуваат уште една средба со министерката за финансии, на кои ќе ги допрецизираат условите за заемот од Унгарија, вреден 250 милиони евра. Сега останува дали отплатата ќе биде 15 години, колку што инсистира државата или максумум 10, колку што е пракса кај банките. Инаку, договорот за кредит беше потпишан минатиот месец во Будимпешта, со најава како многу поволен за бизнисот во Македонија.