Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не прифаќа условувања и со никого нема да прави политички дилови, затоа што ова е прашање на иднината на државата и со неа нема тргување, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашниот митингот во Драчево.
„Да одговорам на она писание кое го има напишано субјектот ЗНАМ до јавноста. Прво, раководството на СДСМ го бираат членовите на СДСМ, кои се наследници и на НОБ и на АСНОМ и на Киро Глигоров, а не вазали кои се предале и отишле да шуруваат со наследниците на Ванчо Михајлов. Второ, носителите на пратеничките листи и сите кандидати на пратеничките листи на СДСМ и на коалицијата се излезени на избори за да ја претстават програмата на СДСМ и на политичките партии кои ја сочинуваат коалицијата и со таа програма, со тие луѓе, со тие претставници на социјалдемократската идеја ние го бараме гласот на граѓаните“, изјави Ковачевски.
СДСМ, како што рече Ковачевски, била единствената политичка партија која никогаш нема да се откаже од својата инклузивност и која во континуитет придонесува за мултиетничкиот карактер на Македонија.
Инаку, Димитриевски постави услов за коалицирање и до ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е да не соработува со поранешниот премиер Зоран Заев.





