Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не прифаќа условувања и со никого нема да прави политички дилови, затоа што ова е прашање на иднината на државата и со неа нема тргување, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашниот митингот во Драчево.
-Да одговорам на она писание кое го има напишано субјектот ЗНАМ до јавноста. Прво, раководството на СДСМ го бираат членовите на СДСМ, кои се наследници и на НОБ и на АСНОМ и на Киро Глигоров, а не вазали кои се предале и отишле да шуруваат со наследниците на Ванчо Михајлов. Второ, носителите на пратеничките листи и сите кандидати на пратеничките листи на СДСМ и на коалицијата се излезени на избори за да ја претстават програмата на СДСМ и на политичките партии кои ја сочинуваат коалицијата и со таа програма, со тие луѓе, со тие претставници на социјалдемократската идеја ние го бараме гласот на граѓаните, изјави Ковачевски.
Тој посочи дека не се излезени на избори за да враќаат стари долгови и да му помагаат на ВМРО-ДПМНЕ и на Гордана Силјановска-Давкова.
-Но, една работа ќе им порачам, на крајот на денот предавникот не го сакаат дома, меѓутоа уште помалку го сакаат надвор од дома. Затоа ве уверувам дека на крајот на денот, ќе ги гледате стуткани во некој ќош, во една клупа, таму во Собранието на Македонија, како седат во последна клупа со наведнати глави, изгубени од својата идеологија и застанати заедно со наследниците на Ванчо Михајлов, рече лидерот на СДСМ.





