Првата авторизирана биографија на македонската фудбалска легенда Дарко Панчев, насловена „Кобрата и ‘бубамарата’ – најверно пријателство“, чиј автор е доајенот на спортското новинарство во Македонија, Зоран Михајлов, беше промовирана пред многубројна публика во Дајмонд мол.
Покрај Михајлов, делото го претставија некогашниот соиграч на Панчев во Вардар, Васил Рингов, како и д-р Љубомир Кекеновски, кои ја нагласија историската величина на стрелецот на победничкиот гол за Црвена звезда при освојувањето на титулата европски клупски шампион во 1991 година.
За најмладиот голгетер на лига како играч на Вардар со 19 погодоци во сезоната 1983/84, кога имаше 18 години, за најдобриот стрелец со 10 гола за Југославија во сите квалификациски групи за Европското првенство 1992 во Данска и за златната копачка на Европа со 34 гола во сезоната 1990/91 присутните зборуваа и низ анегдоти.
Во книгата се поместени и малку познати факти од кариерата на центарфорот со прекар Кобра поради високиот процент на реализација, како и искажувања на негови некогашни соиграчи.






