„Од коалицијата на албанските партии Вреди велат дека продолжува деструктивното однесување на ДУИ. Тие во писмено соопштение ги обвинуваат Артан Груби, Омер Буњаку и Мухамед Сејдини за масовна злоупотреба на ФФМ и за обид за дестабилизација преку меѓуетнички пресметки, за кои велат дека се тестираат преку навивачки групи, слично на најновиот инцидент во Струмица.“ – објави информативниот портал на албански јазик „Алмакос“.
Натаму, во реакцијата на коалицијата Вреди се истакнува: Деструктивното однесување на ДУИ продолжува. Артан Груби и неговата клика од вчера во обид да создадат етнички тензии, ја злоупотребија ФФМ, предводена од Мухамед Сејдини. Целта на криминалното раководство на ДУИ е да се обиде да избега од кривична одговорност за масовната политичка корупција и да го заштити нелегално стекнатото богатство на албанскиот народ.
Наместо да си го гледа сеирот, ДУИ мора да одговори веднаш: дали е вистина дека по наредба на Артан Груби и Омер Буњаку на натпреварот меѓу ФК Брера и ФК Шкендија во Струмица се тестираше план на ДУИ за создавање тензии преку инциденти на спортски настани? Дали Мухамед Сејдини, претседател на ФФМ и уапсен за време на изборната кампања за купување гласови за ДУИ, намерно и свесно избрал таков делегат за овој натпревар, за да побара од полицијата да ги отстрани навивачите, кои го истакнале албанското знаме? Следејќи ги шемите на Вучиќ, дали планира ДУИ во наредниот период да предизвика судири меѓу различни навивачки групи и тензии меѓу средношколците и студентите?
Што е подготвен да направи Артан „Беливуку“?
Вреди ги повикува Албанците да не станат плен на овие провокации. ДУИ не ги штити симболите на албанскиот национален идентитет, туку го сквернави албанското знаме, поради страв од одговорност за корупциските скандали, како што се „Соравија“, коцкарските бизниси и незаконските тендери. Наша задача е да ја предупредиме јавноста и да ја гарантираме безбедноста на граѓаните. Политиката треба да се држи настрана од спортот. Навивачките групи на албанските спортски клубови се важен дел од спортскиот дух на општеството. Затоа ги повикуваме да бидат особено внимателни во наредниот период за да не се вплеткуваат во сценаријата на ‘Противдемократската унија за дезинтеграција’ (игра на зборови со името на партијата на Ахмети „Демократска унија за интеграција“.







