Дали е тривијално или суштинско барањето на Софија Бугарите да бидат дел од македонскиот устав е темата на која анализира Гералд Кнаус, шеф на влијателната Европска иницијатива за стабилност.
Според Кнаус ова барање не е тривијално ако сериозно се разбере тоа што го кажуваат бугарските лидери. За него Софија сега преку процесот на пристапување кон ЕУ нашла начин како да ги спроведе своите планови за Македонија посочени во анализата.
Кнаус објавува дека бугарските лидери не оспоруваат дека денес во светот има луѓе кои се сметаат себеси за етнички Македонци, но тоа не е целата слика за бугарскиот однос кон Македонците затоа што во тој однос има многу други елементи кои се суштински.
,,Спорот е од каде доаѓаат овие луѓе, нивното минато и нивната иднина како Македонци. И за политика да се трансформираат оние кои денес се сметаат за етнички Македонци во Бугари преку притисок (вето) и стимулации (бугарски пасоши).
Што ако Бугарија инсистира оние со два пасоша да се сметаат за бугарско малцинство во Македонија… малцинство што може да расте, колку подолго е заглавена Македонија?
Ова малцинство, инсистира Бугарија, сега мора да биде вклучено во уставот. Ова има смисла. Но, тогаш мора да добие и права, вклучително и образование на бугарски. А потоа: квоти? Постојана трансформација на етничките Македонци во Бугари, забрзана преку промени во културата и образованието, бидејќи децата во училиштата во Македонија треба да се учат дека нивните баби и дедовци биле всушност Бугари”, анализира Кнаус кој нема дилема дека Софија инсистира сите Македонци да научат дека пред неколку децении авторитарните лидери ги заведувале, манипулирале и тероризирале овие за нив Бугари.
,,Тие мора да разберат дека кога бугарската армија, сојузник на Третиот Рајх, ја окупираше Македонија за време на Втората светска војна, таа не беше окупаторска сила, туку сила за добро, ослободувајќи ги сонародниците. Да се каже било што друго би било антибугарска пропаганда.
Сите бугарски влади, исто така, силно инсистираат денес дека не може да има самоидентификувани Македонци во која било друга држава, надвор од контролата на скопските власти. Во Албанија може да има само бугарско (не македонско) малцинство. Во Бугарија може да живеат само Бугари. Секој што се чувствува етнички Македонец надвор од Македонија е нападнат како заблуден. Во Бугарија се распуштаат организациите на етничките Македонци. Пресудите на Европскиот суд за човекови права дека ова е кршење на нивните права се игнорираат”, смета Кнаус за кого јасна бугарска позиција е дека не може да има самоидентификувани етнички Македонци надвор од Македонија, при што се отвара и дилемата зошто тогаш има самоидентификувани Македонци внатре во земјата?
,,Одговорот што го дадоа многумина во Бугарија е јасен: ова е резултат на криминалната комунистичка манипулација започната во 1944 година. Оние кои беа тероризирани во 1944 година да се сметаат себеси за Македонци што зборуваат македонски, биле Бугари што зборуваат бугарски, исто како и нивните татковци и дедовци беше. Без ова немаше да има Македонци денес ниту во Северна Македонија.
Но, сега има надеж. Бугарските лидери најдоа алатка за да им помогне да преовлада нивната вистина за вистинските и лажните идентитети: желбата на македонските граѓани да влезат во ЕУ.
Звучи бизарно но тоа е бугарската позиција”, смета Кнаус за кого барањето на Софија Бугарите да бидат дел од македонскиот устав не е тривијално.






