Клетников: „Преспанскиот договор“ изврши идентитетски геноцид врз македонскиот народ, заради НАТО и иднината, но неа ја нема!

„Со Преспанскиот договор, заради трговски, геополитички и други зделки, па и за личен коруптивен профит, нашата влада го фрли целиот ‘свој’ народ во идентитетска смрт. Еднаш на Стојан Андов, кој ме убедуваше дека треба да го смениме името, за да не ја загубиме државата, залудно му објаснував дека е поважно да се зачува името, од кое извира целокупниот наш колективен и индивидуален идентитет. Оти се тоа различни работи и оти има народи како Курдите и други, кои немаат држава и којзнае дали некогаш ќе имаат, но имаат идентитет, генерички, кого никој не го повредил како што е повреден нашшиот идентитет.“ – вели Ефтим Клетников, македонски поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и преведувач, во својата колумна со наслов „Името: политички или онтолошки проблем?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Натаму, покрај другото, Клетников пишува: Љубомир Фрчковски во една расправа на „шарените“ за продажба на името кажа неговото менување со „северна“ е безболно. Му реков дека „северна“ го оштетува името како идентитетски столб на колективот, го урива и го поништува. Денес, кога ги вадиме личните документи таа смртоносна придавка е како посмртница што ја „озаконуват“ смртта на цел еден народ и на секоја единка во него. Идентитетската смрт, најстрашната од сите видови смрт, како што тврдат антриполозите без исклучок.

Мнозина од нашите таканаречени врвни интелектуалци академици и универзитетски професори немаат поим што е тоа Име и што значи тоа како генерички идентитет. Тие ми развиваа некои свои демек интелектуалистички теории дека името е тоа световна и во нашиот случај политичка, но не и света идентитетска категорија. Дури некои од нив категорички ми велеа дека промената на името е единствен спас за нас како народ, држава и култура, иако тоа води кон идентитетско обезличување.

Нашиот простодушен народ знае дека името, што го носи како царски печат на неговиот генерички идентитет, е подарок од Господ што го усвојува со самото раѓање. Името на еден народ, во кое е вглобен целокупниот негов идентитет даден од Господ, и сè што зрачи од него како меморија, порано не било доведувано во прашање. Но простодушниот народен човек не можеше да го спаси името.

Постоел само физичкиот геноцид како што е тоа, на пример, сега во Палестина. Идентитетскиот геноцид е посебен специјалитет на модерната цивилизација, која, цинично и парадоксално, со идентитетскиот геноцид во нашиот случај сака да го демонстрира своето либерално хуманистичко лице како политика. Притоа за обезименувањето и грабежот на македонската историска и културно-цивилизациска меморија тие нудат божем посветла иднина. Од таа лажно понудена иднина Македонците не ја добија ветената ЕУ.

Нашите политички и парламентарни идиоти се согласија со тоа, ставајќи смртоносен потпис на смртоносниот документ и притискајќи ги копчињата во парламентот во знак на согласност за самоликвидација. Управувани  на копче од Брисел, Вашингтон, Атина, Софија, Тирана, тие го направија идентитетското злосторство под слоганот: да го оставиме минатото за сметка на иднината. Што се однесува до македонската иднина, таа сѐ уште не стасала кај Македонците, почнувајќи од Берлинскиот конгрес во 1878 година се до денес. Како што замислила политиката на големите западни колонијалистички сили и нејзините балкански предатори по идентитетската смрт, нема ни да стаса.

Но, битието на еден народ никогаш не умира, ако макар и една негова единка од целиот колектив ќе умее да ја чува и дочува неговата генеричка искра.