Голем број граѓани кои сами собираат средства за лекување воопшто не се обратиле до Фондот, вели директорот Клековски.
– Лекувањето во странство е еден мал сегмент од работата на Фондот. Тоа е многу повеќе од сето тоа. И една од првите средби, меѓу другото, ни беа со луѓе што се ангажирани во собирање средства. Скоро 80 отсто од пациентите не се обраќаат во Фондот. Ние на дневна основа, да не кажам ама на секои три дена, одобруваме доста лекувања во странство. Значителен број од тие луѓе што собираат средства воопшто не се обиделе да добијат средства од Фондот и верувам дека е прашање на недоверба во институциите, дека воопшто не веруваат дека имаат шанса да добијат средства. Ние таа недоверба мора да ја надминуваме, мораме да бараме системски решенија – рече Клековски.
Тој додаде дека во извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) има значајни забелешки за начинот на водење на лекувањето во странство и еден од приоритетите е тоа структурно да се корегира и да се изгради однос на доверба со пациентите и оние пациенти кои имаат потреба навистина да добијат поддршка од Фондот за здравствено осигурување.





