Страшно е кога државата е цензорот, како што беше во претходната власт. Но што се однесува до стравот од цензурата, од казната заради критика на власта, состојбата не се промени во голема мера и со новата власт, вели во колумна за Дојче Веле, Кица Колбе македонска публицистка која живее во Германија.
“Се добива впечаток, дека умните луѓе брзо разбраа. И оваа власт не сака слободоумни, критички мислечки субјекти.
Затоа замолкнаа. Уверена сум дека стравот во општеството уште повеќе расте кога токму интелектуалците, творците, филозофите самите се замолкнуваат. Од самоцензура. Затоа што добиле функција во министерствата, комисиите и советите на новата влада. Интелектуалците и творците со самоизбраниот молк ја негираат токму таа вредност, заради која им е доделена функцијата – нивниот мисловен критички интегритет”, велу Колбе според која самоцензурата е пострашна од јавната цензура. Затоа што таа сведочи дека цензорот се вдомил во умот.
“Тоа е анатомијата и на македонската авторитарна личност. Авторитарноста на голем број интелектуалци, очигледно, не е типична само за десниот политички блок, туку и за левиот. Без ова сознание нема вистинска промена на општествената свест”, пишува Колбе во колумната за Дојче Веле.





