Претседателот на Кина, Си Џинпинг денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Србија, а домаќин ќе биде претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Си последен пат беше во Србија во 2016 година, што беше прва посета на претседателот на Кина на Србија по 32 години и по тој повод беше потпишана Декларацијата за стратешко партнерство.
Вучиќ се сретна со Си минатиот октомври во Пекинг, за време на третиот форум „Појас и пат“, кога беа потпишани 18 договори, меѓу кои и договорот за слободна трговија меѓу Србија и Кина, кој наскоро треба да стапи на сила.
Ова е прва посета на претседателот Си на Европа во последните пет години, од избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, а за време на оваа европска турнеја тој ќе посети само три европски престолнини – Париз, Белград и Будимпешта.
Петдневната турнеја ја започна со посета на Франција на 5 мај, во Белград доаѓа на 7 мај, а потоа ќе ја посети Будимпешта.






