Кекеновски: Да не ги дозволиме сценаријата на домашни политичко-бизнис-мафијашки и странски структури за дестабилизација на Македонија!

„Во услови кога Република Македонија јасно и отворено ја дефинира својата меѓународна политика и стратегиските партнерства, зголемени се притисоците од надворешни и внатрешни чинители, кои не се задоволни од овој курс. Истовремено, по последните трагични настани во Македонија постои реална опасност дека одредени структури, како домашни субверзивни елементи, така и надворешни сили, ќе се обидат да ја искористат ситуацијата за политичко манипулирање и создавање нестабилност и внатрешни тензии. Затоа, ги повикувам Владата и сите останати надлежни институции да преземат итни мерки за следење и спречување на активностите, кои можат да предизвикаат политички хаос и несигурност, како од странски, така и од домашни субверзивни елементи и политичко-бизнис-мафијашки структури. Не смееме да дозволиме сценарија, кои ќе ја втурнат земјата во хаос и неизвесност. Мирот, стабилноста и владеењето на правото се приоритетни државни и национални интереси!“ – истакнува универзитетскиот професор д-р Јове Кекеновски во својата колумна со наслов „Заедно и сплотени да ги заштитиме мирот и стабилноста на Македонија“, која ја објави „Курир“.



Натаму Кекеновски пишува: Сè уште се спроведуваат активности на организации како УСАИД, фондации поврзани со Сорос и други влијателни западни мрежи, кои преку различни проекти, медиуми и таканаречени невладини организации (според нивен терк) можат да влијаат врз јавноста и да создадат вештачка криза. Овие активности, во комбинација со домашни субверзивни елементи, претставуваат сериозна закана за безбедноста на Македонија. Покрај тоа, постојат и бизнис-мафијашки политички структури, кои досега неказнето ја грабаа земјата. Владата најави бескомпромисна битка и со овие структури, но постои реално стравување дека тие ќе се обидат да се одмаздат преку обид за дестабилизација на земјата, бидејќи ги очекуваат долгогодишни затворски казни и конфискација на украденото.

Важен е нашиот заеднички став и одлука дека ниту една криза, или трагедија, не смее да биде искористена за политичко манипулирање или создавање хаос. Секој обид за поттикнување насилство и политичка дестабилизација, без разлика дали доаѓа од странски, домашни структури или бизнис-мафијашки елементи, треба да биде одбиен и спречен од сите нас. Мораме да останеме мирни и разумни и да не подлегнуваме на можните обиди да се додаде „масло на огнот“, туку да бидеме единствени во заштитата на нашата земја.

Затоа, повикувам Владата и сите останати надлежни институции:

Да преземат итни мерки за следење и спречување на активности кои можат да предизвикаат политички хаос и несигурност, како од странски, така и од домашни субверзивни елементи и политичко-бизнис-мафијашки структури.

Да ја засилат контраразузнавачката работа со цел спречување на странски и домашни влијанија во клучните државни институции, медиуми и граѓанскиот сектор.

Да предложат ревизија на програмите и финансирањето на одредени „невладини“ организации, со цел да се осигура дека тие не работат против државните интереси.

Да ја информираат јавноста за можните обиди за манипулација и да ја заштитат државата од вештачки креирани кризи.

Во моментот кога Македонија гради стабилни односи со своите партнери и работи на зајакнување на својата позиција на меѓународната сцена, не смееме да дозволиме сценарија кои ќе ја втурнат земјата во хаос и неизвесност. Мирот, стабилноста и владеењето на правото се приоритетни државни и национални интереси!