Се моли присутниот џган да не ги става в уста бранителите! Тие што први ги пуштија низ вода веднаш по војната во 2001 година последни имаат право да гукнат за правата на безбедносните сили што застанаа на браникот на татковината додека овие што божем се загрижија за нив се криеја под „Јорган Планина“. И на најразлични начини ги саботираа, меѓу другото и со недејствување, додека македонските синови, но и Албанци, Роми, Срби и други граѓани на Македонија во униформа тогаш крвареа во одбраната на државата од терористите.
Да не мислат дека македонските граѓани имаат деменција, па не се сеќаваат кој и кога ги расформира „лавовите“, на пример? Или кој ги доведе до питачки стап семејствата на бранителите што добија отштета, па судовите потоа ги тераа да ги вратат во меѓувреме потрошените пари за лекови, храна, сметки, рати од кредити?
Не мислат белки овие што сега леат крокодилски солзи за бранителите дека некој заборавил кој постојано викаше „да му дадеме уште една шанса на мирот“ по секој масакр врз нив, по секое злодело врз цивилите од „борците за човекови права“? Притоа со прст не мрднувајќи за консолидирање на редовите, за кревање на моралот, за алармирање и барање реакција од „меЏународната“, за сплотување на нацијата во тие тешки мигови. Напротив.
Ако беа толку „насекирани“ за припадниците на армијата и на полицијата, вклучувајќи ги и резервистите, кои застанаа во првите редови во одбраната на државата, зошто не го поддржаа законот за бранителите што го предложи Достоинство уште во 2008 година? Или тој на ВМРО-ДПМНЕ четири години подоцна, кога Командант Форина гувееше како млада невеста во собраниските клупи или читаше делови од книги, од закони и од Уставот додека ја одолговлекуваше работата на законодавно-правната комисија? И кога неговите блокираа со 5.000 амандмани.
Можеа и сè уште можат на поинаков начин да им помогнат на тие за кои наводно се залагаат. Никој не им брани, да речеме, во општините во кои имаат мнозинство да изгласаат парична помош или други привилегии за бранителите. Или нивните пратеници да се откажат од дел или од целата пратеничка плата и да формираат фонд во кој ќе уплаќаат и бизнисмени блиски до нив, а парите ќе одат за школување на децата на загинатите или на воените инвалиди, за социјално загрозените семејства на тие што ја бранеа државата.
„Стани Цаци да те види сала“, како иницијатор на најновиот предлог, заедно со другарите од партијата на која не ѝ личел патриотизмот, според екслидерот и несуден муртински нобеловец, имаа седум години власт пред да „загинат“ на изборите во мај за да се изборат за правата на една од најобесправените категории граѓани во Македонија. Арно ама, наместо тогаш, решија да глумат патриоти сега. Зошто?
Затоа што немаат што да загубат додека лажно се претставуваат себеси како душегрижници, надевајќи се дека ќе му нанесат штета на македонскиот политички блок во власта. Со евентуална дестабилизација, со оглед на жестокото противење на сите партии на Албанците и на власт, и во опозиција, ете шанса за нив, си мислат квазипатриотиве што, очигледно, ги сметаат сите околу себе за недоветни, недугави и со кратко помнење.
Бранителите апсолутно заслужуваат законско регулирање на нивните права како заслужни за Македонија не помалку од комитите и од партизаните. Македонците и сите други лојални граѓани на македонската држава никогаш нема да ја заборават жртвата на тие што го бранеа и го одбранија ова парче земја од злото увезено од Косово и пред 23 години, и пред девет во кумановско Диво Насеље. И секогаш ќе ги поддржуваат сите добронамерни иницијативи и предлози да се вреднува и награди нивната служба под македонското знаме. Но, не и провидните обиди да се „ушиќари“ нешто врз грбот на тие што го подметнаа сопствениот за над Македонија и денес да се раѓа ново сонце на слободата.






