По смирување на еуфоријата од големиот „половина милионски“ митинг во Солун, дел од грчкиот печат анализира дека тој не бил од корист за Грција.
„За демонстрациите да имаат соодветно влијание, потребно е да се одржат во вистинско време и да бидат, директно или индиректно, дел од сеопфатна национална стратегија. Во случај на митингот организиран во недела во Солун, може да се каже дека нема да биде од корист за Грција“ пишува авторот на коментар во „Катимерини“.
Вистинската можност беше изгубена пред 25 години, пишува авторот Том Елис и самиот учесник на тогашните демонстрациите во Вашингтон, во декември 1992 година и пред седиштето на Обединетите нации во Њујорк, во јануари 1993 година.
„Тогаш демонстрирањето имаше смисла. Соседната земја сè уште не била признаена на меѓународно ниво. Се уште се обидуваше да застане на нозе. Прашањето за името беше сé уште нерешено. Тогаш, гласот на грчкиот народ навистина можеше да влијае… митинзите на Солун, Мелбурн, Атина, Вашингтон и Њујорк беа дел од јасна национална стратегија, и можеа да дадат резултати. За жал, максималистичките ставови, внатрешните поделби и лошо разгледуваните маневри во суштина доведоа до пораз“, се констатира во коментарот.
Сега, четврт век подоцна, кога околу 140 земји, вклучувајќи ги и најзначајните и најмоќните во светот, ја признаа соседната земја како Република Македонија, најмногу што можело да се постигне е замена на називот на земјата со сложено име за сите употреби, што немало да биде лесно.
Митингот во неделата требаше да ја пренесе пораката за одлучност, национално единство, но и реализам. Тогаш тоа ќе ја засилеше преговарачката позиција на земјата и ќе ги зголемеше шансите за обезбедување на подобро име од она што се користи денес.
„За жал, тоа не се случи…не научивме од грешките од минатото“, заклучува авторот на коментарот.





