Билал Касами од движењето Беса вели дека коалицијата ВЛЕН размислува која идеја да ја поддржи по новата иницијатива за воведување една изборна единица.на ниви на цела Македонија.
„Ова може да има и меѓуетнички импликации, бидејќи со една изборна единица, секако мора да постои гаранција дека гласот може да се зачува на целата територија на Северна Македонија и дека нема да има деформации на етничката реалност во претставувањето во Собранието. Значи, земајќи ги предвид сите овие аспекти, ние го градиме нашиот став за тоа дали ќе бидеме за една изборна единица, три или осум“, изјави денес градоначалникот на Тетово.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека ќе поддржи Македонија-една изборна единица, но ако гласа и дијаспората. Претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов во меѓувреме до Собранието ги поднесе измените на Изборниот законик.
„Принципиелно како ВМРО-ДПМНЕ реков и еве ќе повторам пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ние ќе поддржиме една изборна единица во која што право ќе имаат да гласа и дијаспората, бидејќи беше адресирано така што ние како Влада некое право оспоруваме, а тоа беше правото на дијаспората да гласа. Тоа беше мојот одговор, да бидеме прецизни“, рече пред два дена Мицкоски.
Мицкоски смета дека тоа треба да биде готово за следните парламентарни избори, значи по 3 години.
Со измените, зад секој пратеник ќе стојат ист број на гласачи. Пратениците ќе се пресметуваат по Донтовиот модел. Со предлогот се овозможува и самостоен настап на помалите партии.






