Касами: Обединувањето на четирите партии од коалицијата Вреди во една партија – по локалните избори во 2025

„Претопувањето на четирипартиската коалиција Вреди во една партија ќе се случи по локалните избори следната година. Вреди функционира добро и координирано и сега.“ – нагласи Билал Касами, лидерот на Беса. Ова го објави ТВ Алсат.

ТВ Алсат пишува: Според Касами, резултатот од локалните избори ќе биде најдобар показател за моќта на тие четири партии.

„Најсоодветни услови да постои заедничка политичка организација, или структура, ќе имаме по локалните избори. Тогаш ќе согледаме и како Вреди и како учесници во оваа коалиција каде сме и како сме. Имаме ли потенцијал да бидеме носител на важни процеси во Македонија? Сега има многу добра координација на активностите со неколку заеднички тела и веруваме дека до локалните избори ќе дојдеме до оваа фаза, бидејќи до локалните избори ќе биде важно да се мотивираат партиските структури, да не ги стопиме и да не ги неутрализираме, туку да ги активираме. На локалните избори ќе имаме многу позитивен резултат, по што ќе се создадат услови дури и за заеднички конгрес и хомогенизација на структурите на четирите партии.“ – изјави Касами.

Касами додаде дека коалицијата Вреди ќе оди во овој состав и на локалните избори следната година и политичките партии нема да се натпреваруваат поодделно. „Бездруго, на локалните избори ќе одиме како коалиција Вреди, но ќе бидеме отворени да ни се придружат и други партии и организации. Значи, на локалните избори ќе настапиме како Вреди, а потоа ќе ја разгледаме можноста за претопување во еден политички субјект.“ – посочи Билал Касами.

Коалицијата Вреди во последниов месец се реструктурира во рамки на партиите: се вршат организирања во ограноците и подограноците, заради подготвување за следните локални избори.