Каракачанов: Успехот во Албанија продолжение на договорот со Македонија

Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов испрати отворено писмо до медиумите, во кое ги поздравува сите патриоти по „историскиот пробив на односите со Македонија“ и по успехот со признавањето на бугарско малцинство во Албанија.



„Тоа го сметам за директно продолжение на договорот за добрососедство со Република Македонија. Тоа што се случи овие денови со нашето малцинство во Албанија е токму во духот на пријателството. Бугарите во македонските области во Албанија можат да се нарекуваат на различни начини, но тоа не го менува фактот дека тие се истите оние луѓе што живеат и во Република Бугарија, и во Република Македонија. Тоа се наши браќа и ние го почитуваме правото на секој од нив да се определи како што смета дека е правилно пред сопствената совест“, вели лидерот на бугарското ВМРО во писмото. „Со ова се става крај на обидите бугарското население во Албанија да биде асимилирано и да му биде наложено туѓо, измислено национално самосознание“.

Со 102 гласа „за“, десет „против“ и еден „воздржан“, албанскиот Парламент синоќа призна постоење и на бугарско малцинство во земјата како деветто по Македонците, Власите, Грците, Србите, Црногорците, Бошњаците, Ромите и Египќаните.

Албанија многу брзо потклекна пред уцената од Бугарија со блокирање на евроинтегративниот процес на земјата. Неодамна министерот за надворешни работи Дитмир Бушати го отфрли барањето за признавање бугарско малцинство со објаснувањето дека поседувањето пасош на друга држава не значи и етнички идентитет.

„Многу Албанци имаат и италијански пасоши, што не значи дека Италија треба да бара свое национално малцинство во Албанија“, рече тогаш Бушати.