Откако рускиот претседател Владимир Путин го навлече гневот на бугарската јавност со изјавата дека писменоста во Русија дошла од македонската земја, нов историски камен на сопнување меѓу двете земји е заслугата за спасувањето на бугарските Евреи во Втората светска војна.
Бура во односите меѓу Русија и Бугарија предизвика петочниот брифинг од Министерството за надворешни работи на Русија, на кој портпаролката Марија Захарова во осудата за сквернавењето на споменикот на Советската армија во Софија рече дека „тоа е посебно цинично бидејќи во Втората светска војна нашите војници спречија депортација на Евреите од Бугарија и спасија околу 50.000 луѓе од сигурна смрт“.
На тоа реагира бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која изрази надеж дека станува збор за недоразбирање, бидејќи „тоа е еден од најголемите успеси на бугарските пратеници,на бугарската Црква, на бугарската јавност, на бугарскиот народ, пред сè. Обидите за депортација на бугарските Евреи почнаа во 1940 година и продолжија до 1943 година, а Црвената армија тогаш воопшто не била во Бугарија“.
„Тврдењето дека Црвената армија ги спасила бугарските Евреи е длабоко непознавање на историјата или обид за провокација“, изјави претседателот Румен Радев, а министерот за одбрана Красимир Каракачанов заслугите за тоа ги припиша на ВМРО.
„Ако кажам дека ВМРО има поголеми заслуги од Советската армија за спасувањето на бугарските Евреи, ќе бидам во право, бидејќи тоа е историјата. Од петтемина видни граѓани од Иницијативниот комитет од Ќустендил во 1943 година, кои отишле кај народниот претставник Димитар Пешев и му врачиле петиција за спасување на Евреите, тројца се членови на ВМРО“, изјави лидерот на истоимената партија, според кој, тоа во суштина е дело на бугарскиот народ, „зошто Бугарите секогаш биле толерантни кон другите“.
Во меѓувреме, руската Амбасада во Софија излезе со соопштение во кое го признава „неспорниот херојски придонес на бугарскиот народ, посебно на претставниците на интелигенцијата и на православната црква во борбата со нацизмот, вклучувајќи го и спасувањето на Евреите што живееја во земјата од логорите на смртта“, истовремено барајќи заштита од вандализирање на „рускиот паметник“ во Софија.





