„Повикувајќи се на законот за употреба на јазиците, политичарите од албанскиот блок толкуваат дека граѓаните на Македонија од албанска припадност не мора да го знаат македонскиот јазик. Тоа е погрешно. Македонскиот јазик според Уставот е прв и службен јазик во Македонија. Во унитарна држава, каква што е Македонија, треба да постои еден службен јазик и други јазици, што се употребуваат. Ако се поништат поврзувачката улога и службеноста на македонскиот јазик, тогаш како држава и општество ќе одиме кон дезинтеграција и ќе се движиме кон идеите за двонационалност, федерализација, кантонизација.“ – нагласува универзитетската професорка по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска во анализата со наслов „Навистина ли на целата територија на Македонија и во меѓународните односи службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо?!“ на новинарката Јасминка Павловска, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Парадоксот на државните институции и зачестената појава да ги игнорираат Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик!
Покрај другото, во анализата се наведува: Во реалноста уставните и законски обврски за употреба и познавање на македонскиот јазик често се доведени до апсурдна нефункционалност на државните и јавните институции, а со тоа и на државата! Новоназначената економска директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Илјази, според сведоштвото на колегите, воопшто не знае македонски јазик!? Кога мора да соработува со колегите преведувачи ѝ се двете секретарки, вработени во оваа клиника.
Случајот со оваа директорка во Клиниката за токсикологија не е досега непозната појава во македонските државни и јавни институции. Македонските граѓани речиси секојдневно се соочуваат со предизвици во институциите поради непознавање, или лошо знаење на македонскиот јазик од страна на на вработените во администрацијата, претежно од албанска припадност.
„Основен услов за вработување во државна институција во Македонија, а особено за раководна позиција, е познавање на македонскиот јазик. Новиот закон за употреба на македонскиот јазик предвидува и инспекторат за негова доследна примена, кој сѐ уште не е формиран. Ваков случај, како назначување на раководна позиција во државна институција на лице, што не го познава македонскиот јазик, би требало да биде предмет на интерес на тој инспекторат и би требало да биде санкциониран. Законот за употреба на македонскиот јазик е примарен и надреден над сите закони од слична материја, како што е Законот за употреба на јазиците.“ – вели Елка Јачева-Улчар, научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.





