И покрај тоа што во првиот изборен круг загуби со над 3300 гласови кандидатот на БЕСА за градоначалник на општина Сарај има реални шанси да стане градски татко на оваа скопска општина.
Поранешниот политички аналитичар а сега политичар од редовите на БЕСА Башким Бакиу кој на петти октомври добил закани дека ќе му биде одземенн животот сега со помош на Алијансата на Албанците и ДПА може да победи во изборната трка.

Иако Бакиу по првиот круг губи со 7963 спрема 4582 тој со гласовите од Алијансата на Албанците и ДПА може да освои над 8000 гласови и да го престигне кандидатот на ДУИ, екс министерот за правда Блерим Беџети.
Со оглед на тоа што БЕСА и Алијансата на Албанците веќе договараат соработка за вториот круг на изборите а ДПА по ланските избори најави дека ќе соработува со БЕСА сценариото за победа на Бакиу е реално.

Според СВР Скопје, на 5 октомври околу 19 часот, во Полициската станица Центар дошол Башким Бакиу, жител на селото Љубин, и кажал дека во текот на денот добил СМС со заканувачка содржина на неговиот мобилен телефон. Но, бидејќи се брзал за да овозможи ненајавен митинг во месноста Дервен во селото Сарај, се откажал од можноста формално да го пријави случајот и заминал. Потоа, во 19.50 часот, се јавил на телефонскиот број 192 и го пријавил инцидентот по што побарал полициско обезбедување.
„Господине Бакиу, десет години поминав во затвор и ако е потребно, уште десет ќе ги преспијам. Тебе ќе те снема ако вечерва продолжиш со активности и одржуваш собири. Вечерва те чекам во Дервен, каде што ќе имаш собир“, гласела заканувачката порака што ја добил Бакиу.
„Заканата нема да ме запре. Живот дава и зема само Бог! Случајот е пријавен и во полиција и на меѓународниот фактор“, вели Бакиу, пренесе сајтот „Порталб“.





