Тој ја напушта функцијата шеф на Либералната партија и премиер.
Но, тој ќе остане на премиерската позиција додека партијата не избере ново раководство и лидер.
Трудо изјави дека има намера да се повлече откако помина девет години како канадски премиер.
„Имам намера да поднесам оставка како партиски лидер, како премиер, откако партијата ќе го избере својот нов лидер“, изјави 53-годишниот лидер за новинарите на прес-конференција во Отава денеска.
„Длабоко се грижам за оваа земја и секогаш ќе бидам мотивиран од она што е во најдобар интерес на Канаѓаните. И факт е, и покрај најдобрите напори , парламентот е парализиран со месеци по најдолгата седница на малцинскиот парламент во канадската историја“, рече тој, додавајќи дека парламентот на земјата ќе биде суспендиран до 24 март додека се избира нов лидер.
Кон крајот на годинава во Канада ќе се одржат парламентарни избори на кои, според анкетите, би загубила неговата Либерална партија.
Трудо, кој беше лидер на Либералната партија 11 години и премиер девет години, се соочува со низа проблеми, од најавените царини на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за сите канадски производи, до оставката на министрите од неговиот кабинет и падот на поддршката.
Парламентарните избори во Канада мора да се одржат до 20 октомври, а точниот датум се уште не е познат.






