Канада избра наследник на досегашниот премиер Трудо

Марк Карни победи на изборите за лидер на Либералната партија на Канада и ќе стане следниот премиер на земјата. Поранешниот шеф на Централната банка освои над 85 отсто од гласовите. Поранешната министерка за финансии и актуелна пратеничка Кристиа Фриланд се најде на второ место со 8 отсто од гласовите.



Новиот лидер на партијата автоматски ќе го замени Џастин Трудо на функцијата премиер на Канада.

Според изборниот систем на земјата, лидерот на владејачката партија е и премиер, бидејќи партијата веќе има мандат да управува.

Откако ќе биде премиер, Марк Карни мора да обезбеди поддршка во Парламентот. Ако тоа не се случи – на пример, ако изгуби гласање за доверба – тогаш најверојатно ќе се оди на предвремени избори.

Либералите водеа малцинска влада, така што Канада најверојатно ќе има избори за неколку месеци.

Марк Карни ќе мора да се справи со заканите на американскиот претседател Доналд Трамп кон Канада, вклучително и ескалација на трговска војна и постојани повици земјата да стане „51-та држава“ на САД.