Албанскиот парламент го одложи изјаснувањето дали да го одземе имунитетот на поранешниот министер за внатрешни работи, Самир Тахири, обвинет за корупција и трговија со дрога, но се очекува одлуката за тоа да биде донесена на пленарна седница в среда.
Обвинителството истакнува дека постојат основи за сомневање дека Тахири бил вмешан во трговија со дрога, додека бил министер, пренесува албанската новинска агенција АТА.
Ројтерс,оценува дека ова претставува удар на социјалистичката влада на премиерот Еди Рама, имајќи на ум дека Тахири, кој беше министер за внатрешни работи четири години до март оваа година, бил предводник на реформите на полициските сили и во почетокот беше успешен во борбата против производството на канабис на јужниот дел на земјата во 2014 година.

Но, премиерот Еди Рама на Фејсбук напиша дека тоа се само „чаршиски муабети“ за Тахири кој е актуелен пратеник.
Обвинителството на 17 октомври отвори случај против Тахири по апсењето на неколку Албанци и Италијанци, кои наводно прошверцувале околу 3,5 тони марихуана во текот на последните четири години.
Меѓу оние уапсени од италијанската полиција биле двајца далечни роднини на Тахири, браќата Моиси и Флоријан Хабилај.
Моиси Хабилај, во серијата телефонски разговори, прислушкувани од италијанската полиција и објавени од страна на италијанските и албанските медиуми, вели дека Тахири редовно заработувал голема сума пари од дрога.
Тахири ги негира обвиненијата, тврдејќи дека целиот процес против него и политички.
„Не одам во затвор само затоа што (поранешниот премиер Сали) Бериша сака да ме отстрани од патот.Не сакам да оди во затвор за да се докаже дека не сум бил возач на камион и дека не сум заработил пет милиони евра во првата три месеци на служба како министер”, вели Тахири.





