За какво било решение за името на ПЈРМ треба да одлучи Советот на политички лидери во Грција, кое потоа ќе го одобри грчкиот народ на референдум, изјави вчера министерот за одбрана и претседател на партијата „Независни Грци“, Панос Каменос во Солун.
Каменос зборуваше за „оваа голема национална тема која, се чини, дека се приближува до решение”, пренесе „Та Неа“.
Јасно е дека Македонија е една и само една, изјави тој во говор и додаде дека „Македонија, единствената, грчка Македонија, отсекогаш и особено во последниве години беше цел на словенски заговор“ и дека не е цел само името туку, според него се работело и за територијалниот интегритет и полошо словенизирањето на историјата, културата на Македонија, односно на грчката нација.
Каменос, кој се спротивставува на решение во името на северниот сосед да стои зборот „Македонија“, рекол дека секоја одлука, која ќе го вклучува грчкото име „Македонија“ или дериват на тоа име во името на „тој словенски ентитет“ би била спротивна на одлуката на Советот на лидерите на партиите, со кој претседаваше претседателот на Републиката, Константинос Караманлис, во 1992 година, пишува „Та неа“.
Тој смета дека за ново решение Советот на лидерите ќе мора пак да биде свикан од претседателот на Републикатам, сега, Прокопис Павлопулос.
Во средината на септември, Каменос изјави дека ако се понуди формула со географска одредница како „горна“ или „северна“, тој нема да гласа за тоа.
Какво решение посакува тој, не е познато, но во последно време одново во оптек се шпекулации дека прифатливо решение би било „Вардарска Република“…





