„Со оглед на тоа што сакаат да влезат во НАТО, тие треба да бидат оние што се повлекуваат, а не ние“, вели Димитрис Каменос од националистичката Независни Грци (АНЕЛ) во радио интервју, алудирајќи на блокирањето од Грција на пристапувањето на Македонија во Алијансата до решавање на спорот околу името.
Оваа позиција беше изразена минатиот месец од шефот на АНЕЛ и министер за одбрана, Панос Каменос, кој во последниве недели испраќаше мешани сигнали во врска со неговиот точен став по ова прашање, потсетува „Катимерини“.
Пред започнувањето на разговорите во Њујорк, Каменос во средата рече дека има „целосна доверба“ во министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас, но пред помалку од една недела лидерот на АНЕЛ предложи да се распише референдум за името на северниот сосед.
„Грчкиот народ ќе мора да одлучи за невидената (одлука- н.з,), во историјата на човекот, да им ја отстапи својата историја и цивилизацијата на друг народ”, рече тој во написот во весникот „Кирјакатики димократија“ во неделата.
Неговата менлива позиција предизвика критики од редовите на владата, а Јоргос Ваременос, во средата рече дека не го разбира повикот за референдум „или сите шпекулации во врска со името, што е еднакво на политичкото коцкање“.





