Поранешниот бугарски вицепремиер и министер за надворешни работи, како и бивш европратеник, Ивајло Калфин, смета дека Бугарија не би требало активно да се вклучи во спорот за името меѓу Македонија и Грција.
„Позицијата на Бугарија од самото објавување на независноста на Македонија е многу конструктивна и правилна. Ние ги признавме со името што тие си го избраа. Не сме поставувале формален услов да не присуствува географска одредница, иако има средини кај нас, кои, шпекулирајќи со различни варијанти за името, велат дека најточно би било ‘Вардарска Македонија’, со оглед на тоа дека во Бугарија е Пиринска Македонија. Во случајот Бугарија зазема позиција не да избира име, ние не сме дел од спорот, туку да се забрза одлуката меѓу Грција и Македонија. Не мислам дека треба да ја менуваме својата позиција – таа е конструктивна, одговорна и не се менувала во последните 26 години“, изјави Калфин во интервју за бугарското радио Фокус.
„Бугарија не изразува претензии врз самото име, иако и кај нас веројатно ќе се најдат средини што може да постават прашање, но не е добро да го правиме тоа. Бугарија не бил страна во тој спор досега и нашата позиција треба да биде да ги стимулираме и двете страни да бараат решение. Посредник е ООН, така што нема потреба ни од посредник, но како добар сосед на двете земји ние треба да повикуваме за решение, уште повеќе поради тоа што ги имаме инструментите на претседателството на Советот на ЕУ во овој момент“, додаде тој.
Во однос на самото име, шефот на бугарската дипломатија во Владата на Сергеј Станишев од 2005 до 2009 година смета дека „Нова Македонија“ е прифатлива за Бугарија.
„Една од можните варијанти за име за кои се зборува е ‘Нова Македонија’ и тоа не би требало да ни пречи. Се зборуваше за варијантата ‘Северна Македонија’ – точно е дека дел од северниот македонски регион е и кај нас – но, ние никогаш не сме изразувале претензии за името. Се разбира, ако станува збор за агресивна форма, која ја опфаќа и Пиринска Македонија, сигурно ќе се постави прашањето, но не верувам дека тоа ќе се случи. Не е добро да си создадеме нов проблем и да станеме страна во проблемот, во кој досега не сме биле“, оцени Калфин.
Ако не дојде во скоро време до решение за името, тој смета дека тоа ќе ја врати Македонија назад, како по самитот на НАТО во 2008 година и оти таа ќе остане во истата положба – кандидат за член на Алијансата, со нејасна перспектива за ЕУ.





