Калајџиев: Помилувањата во Македонија се многу малку

Универзитетскиот професор и член на Комисијата за помилување, Гордан Калајџиев, објаснува дека во Македонија бројот на помилувања што се дава е премногу малку и со премногу краток рок на ослободување од издржување казна затвор. 



„Мој став, како професор, е дека помилувањата ги даваме малку и кратко, со оглед на тоа дека и условен отпуст не им даваат на луѓето, казните се многу строги а условите во затворите се лоши и заслужуваат многу повеќе да се доделуваат помилувања, условни отпусти, па и амнестија како компензација и како утеха“ вели тој.

Калајџиев вели дека условите во македонските затвори е катастрофална, а дека казнената политика е многу поосттра споредено со земјите на ЕУ, додавајќи дека во затворите лежат луѓе со години и за направени сообраќајки, за поседување симболична количина на дроги и други ситни прекршоци за кои во ЕУ се даваат значително поблаги казни. 

„Врз основа на овие сериозни проблеми што ги имаме во затворите и строгата казнена политика што ја имаме, мислам дека тоа е нехумано, а помилувањата ги даваме на толку ограничени случаи, што дури мене лично и ми е непријатно“ смета Калајџиев. 

Професорот Калајџиев вели дека трошоците за издржување на еден затвореник за државата се сериозен издаток, додавајќи дека затворот „Идризово“ е прогласен за најлош затвор во Европа. 

„Недавањето помилување или намалување казна на човек кој е осуден на доживотен затвор, Совет на Европа го смета за нехуман третман“ вели Калајџиев осврнувајќи се на Законот за помилување кој не дозволува помилување на осуденици на доживотен затвор.