Како да се спречат манипулациите со цените кои преку ноќ се менуваат?!

Се шири опсегот на контроли врз трговците со цел да се утврди кој најмногу влијае на енормниот пораст на цените на храната. Сојузот на стопански комори на Македонија бара поголема транспарентност во формирањето на цените и смета дека Владата и институциите треба да ги прошират контролите на цените и во регулацијата да ги вклучат и добавувачите и увозниците. Според нив, треба да се прошират регулаторните мерки со цел да се спречат манипулации со цените, а потрошувачите мора да знаат кој ги поставува цените во Македонија.



Сојузот на стопански комори на Македонија направил анализа на пазарот на супермаркети наспроти добавувачи, која што ги детектира точките каде се поскапува и каде треба да се интервенира. Бројките од анализата, според нив, покажале дека супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а главната ценовна моќ е во рацете на добавувачите и производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи.

Поради тоа на состанок со претставниците на малопродажните ланци и локалните клучни партнери е договорено да не се примаат нови ценовници, минимум до крајот на првиот квартал оваа година.

Според ССК, супермаркетите работат со маржа од 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 отсто. Некои добавувачи имаат профитни маржи над 13 отсто, додека супермаркетите остануваат под 3 отсто. Анализата покажала екстреми во профитните маржи. Некои производители имаат профитни маржи кои се далеку над оние на супермаркетите.

  • На листата на 15 најголеми добавувачи се покажува дека овие компании генерираат големи профити, но вработуваат многу малку луѓе. Тие сочинуваат 11,8 отсто од вкупниот приход на производителите, но 21,3 отсто од нивниот вкупен профит“, велат од ССК.

Само во јануари до маркетите пристигнале ценовници од над 40 добавувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи. Дополнително, профитната маржа кај маркетите од година во година опаѓа, за разлика од другата страна, каде се зголемува.

  • Во исто време, меѓународните добавувачи одржуваат значително поголем профит од супермаркетите. Тие вршат силно влијание врз пазарните цени, ограничувајќи ја способноста на домашните трговци на мало да ги приспособат цените надолу“, децидни се од коморите.