Едно од најпознатите дела на македонскиот драматург Горан Стефановски, драмата „Диво месо“, содржи пораки актуелни и по речиси четири децении од нејзиното создавање во 1979 година.
Посебно репликата на великанот на македонското глумиште Ацо Ѓорчев остава впечаток како да е пишувана за сегашноста во Македонија, а не за периодот непосредно пред Втора светска војна, кога е временски лоцирано дејството на драмата што се случува во скопско Дебар Маало.
Темата на оваа инаку современа семејна драма е распаѓањето на едно предвоено македонско семејство, кое е условено од времето и од различните сфаќања на сите членови од семејството, а идејата е да се сфати значењето на семејството, на нашиот корен, на домот, на татковината.





