Министерот за транспорт Александар Николоски денеска за прв пат во јавност објави фрапантен податок дека 12 километри автопат кон граничниот премин Блаце кон Косово бил проектиран да чинат 240 милиони евра.
Од нив, дури половина, односно 6 километри, автопатотот би требало да поминува низ 6 тунели, чија изградба е прескапа.
Изградбата на автопатот кон границата со Косово, односно кон граничниот премин Блаце, ќе се ревидира, изјави Николоски на прес-конференција.
Тој информира дека проекциите на претходното раководство на Јавното претпријатие Државни патишта велат дека тој ќе чини 240 милиони евра, што е далеку над одобрениот кредит од ЕБОР.
„Станува збор за тоа дека е одбрана целосно нова планинска траса од 12 километри, од кои 6 километри се тунели.
Се прави ревизија со Државни патишта, да видиме дали е изводлив овој проект, да видиме дали сепак би можеле да ја користиме постојната траса“, рече Николоски.






