„Тетовски инспектори зачукале на вратата на Националната установа Музеј на тетовски крај, поради бистите на народните херои Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче. На денешната прес-конференција Музејот и Сојузот на борци Тетово информираа дека по поставувањето на бистите на овие два народни хероја во Тетово дошла општинска инспекција.“ – објави информативниот портал МКД.мк. во својата информација со наслов „Поради бистите на народните херои тетовски инспектори зачукале на вратата на музејот“. На истата тема во својата информација со наслов „Општина Тетово реагира за поставени бисти на партизани од НОБ“ ТВ Алсат истакнува: „Општина Тетово ја обвинува Владата дека преку Министерството за култура и Музејот во Тетово се обидува да поттикне омраза кај граѓаните со поставувањето бисти на двајца херои од комунизмот, Ѓоце Стојчевски и Тодор Циповски. Локалните власти велат дека Музејот не побарал дозвола од општината да ги постави бистите во дворот на институцијата. Тоа го констатирала и инспекцијата.“ Инаку, невообичаена е експресната реакција на раководството на општина Тетово, само еден ден откако беа поставени бистите на привремен постамент не на отворен, туку во затворен простор, во двор на спомен-куќа во горниот дел на Тетово, во населбата Два бреста. Зошто токму денес, на денот кога пред 81 година, односно на 19 март 1943 година во Тетово е формирана Комунистичката партија на Македонија, тетовската локална самоуправа молневито изреагира поради поставувањето на бистита на двата народни хероја, а повеќе од 15 години, во мандати на тројца досегашни градоначалници, се одмолчува барањето на Сојузот на борци на Тетово да се вратат бистите на нивното место во центарот на Тетово, на плоштадот, или барем да се постават кај Споменикот на револуцијата, 200-300 метри отспротива, на локација пред Домот на културата „Иљо Антески Смок? Но и каква „омраза“ и кај кои „граѓани“ предизвикува „поставувањето бисти на двајца херои од комунизмот, Ѓоце Стојчевски и Тодор Циповски“, како што тврди тетовската локална самоуправа во својата реакција? Не само општинската, туку и пошироката општествено-политичка јавност очекува одговор од тетовската локална самоуправа на уште едно прашање: Кога ќе се вратат на тетовскиот плоштад бистите на двата хероја? За нив информативниот портал „Либертас“ вчера напиша: „Како припадници на Третиот тетовски одред двајцата загинале на 19 септември 1944 година во битката со балистите кај мавровското село Беличица. Тогаш загинале 19 партизани од тој одред. По завршетокот на борбата балистите убиле 17 жени, деца и старци од селото, а потоа го запалиле до темел целото село. Балистите заробиле четворица партизани, од кои двајца биле стрелани во Тетово на 21 септември 1944 година“
Инаку, МКД.Мк во својата информација денес имаше уште напишано: Миќо Стојчевски, директор на Музејот на тетовски крај, посочи дека општината нема потреба да праќа инспектори за поставените бисти, затоа што нема надлежност. „Ова е Музеј и имаме право да поставиме бисти, да се изложат времено и трајно, ако треба. Не знам зошто и по кој повод дојдоа да извршат притисок. Ова е имот на Република Македонија, имот на Националната установа Музеј на тетовски крај. Нивната надлежност завршува кај вратите на Музејот.“ – нагласи Стојчевски.
Реагираше и тетовската организација на Сојузот на борци. Поранешниот претседател Стојан Петрушевски рече дека речиси 20 години како организација барале, но не добиле одговор од општината за поставување на бистите во центарот на Тетово, а сега локалната власт реагира. „Долги години тие бисти стојат во канцеларија. Нивното место е да се постават каде што ќе можат граѓаните да ги чествуваат тие загинати борци. Ние, како организација, се обраќавме до локалната самоуправа повеќе пати да ги вратат бистите онаму каде што им е местото. Не наидовме на разбирање. Се изредија тројца градоначалници, но се гледа дека тоа не може да се случи во догледно време. Нè иритира реакцијата на локалната самоуправа зошто сега се поставени бистите.“ – истакна Петрушевски.
Бистите на народните херои Тодор Циповски-Мерџан и Гоце Стојчевски-Амбарче во 2005 година беа отстранети од градскиот плоштад „Маршал Тито“, кој е преименуван како плоштад „Илирија“.





