Довчерашниот партнер, Арбен Таравари, кој предводи едно крило од Алијанса за Албанците, самиот се „развенча” од Вреди со одлуката да настапи со посебни листи за советници на локалните избори, а јавно не исклучи соработка со други партии во вториот круг, меѓу кои и со ДУИ.
„Пораката од сите партнери во Владата е дека секој што помага и соработува со ДУИ не треба да се срами. Нека го изложи тоа во јавноста и слободно може да оди и да се приклучи на ДУИ. Но, не може да биде и во Владата, и со ДУИ“, рече Меџити, пишува Катерина Блажевска во колумна за Дојче веле.
„Таравари во моментов е ни таму ни ваму. За да соработува и да добие поддршка од Европскиот фронт предводен од ДУИ, ќе биде важен и ставот на Зијадин Села, претседател на другото крило на Алијанса за Албанците, кое е дел од фронтот и опонент на Таравари. Во интервју за МРТ2, Села порача дека нивната партиска врата останува отворена, но само за членови на АА.
„За членовите на Алијанса за Албанците кои отидоа кај Таравари вратата останува отворена, но не и за Таравари!“, дециден беше Села, објаснувајќи дека разликите меѓу нив не се само политички, туку и морални.
Според Села, враќање или сојуз со Таравари би претставувало „екстремен неморал“, бидејќи поделбата во партијата не била само прашање на стратегии или моментални интереси, туку длабока последица на политичкиот пристап и принципи.
Таравари засега ги стишува шпекулациите дека би можел да остане без дел од пратениците. Тој завчера објави фотографија со пратениците на АА за да демонстрира единство, по наводите дека некои од нив не се согласувале со одлуката на Таравари за посебни листи… објави ДВ.






