Месноста Трескавец се наоѓа под врвот на планината Бабуна, на надморска височина од 1.270 метри, со голема прегледност над околината. Обрабен е со вертикални карпи и со гранитни грамади од север и запад; од југ е пристапен преку тесно седло, а од исток го наткрилува карпата Златоврв (1.422 м). За време на непогоди, громовите многу често удираат во овој врв, па оттука доаѓа и името (Трескавец). На врвот на Трескавец постоело светилиште уште во античко време, од римската епоха (втори и трети век), посветено на Аполон (Громобиец) и Артемида. Тука е споменато и името на светилиштето, Колобаиса. Местото било опслужувано од посветени луѓе и прислужници. Верници-аџии ја посетувале Колобаиса од далеку.




Споменот на старото светилиште горе на врвот, обвиткано со мистика и грмежи, живеел и во средновековието. Оттука се гледа целата Пелагонија, планините Бабуна, Пелистер, Кајмакчалан, а навечер градовите Битола, Прилеп и Крушево. Се смета дека манастирот „Трескавец Света Богородица“ е подигнат во 13. век како сложен комплекс од разни градби и доградби. По сè изгледа, бил урнат и запустел во 15. век, па бил обновуван.

Кон крајот на 16. век во манастирот се одвивала препишувачка дејност, познато е името на препишувачот Јоаникиј. Во 18. и 19. век во манастирот постоело и училиште.
Во тој период колу манастирската црква се подигнати конаци од приходите на прилепските занаетчии-еснафи, како и трпезарија со фрески од 17. и 19. век.