Каде се 100 милијарди помош за Украина од САД? Изјава на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека војската на неговата земја добила само дел од ветената американска помош ги крена на нозе фактечекерите. Украинскиот лидер за Асошиетед прес изјави дека земјата добила околу 75 милијарди од 175 милијарди долари.
Критичарите на американската помош веднаш почнаа да коментираат дека парите се злоупотребени или испрани преку корупција.
„(Зеленски) штотуку ја фрли целата операција на перење пари во Украина под автобус … со изјавата дека добил помалку од половина од преку 177 милијарди долари помош испратена од Соединетите држави“, се вели во една објава на Фејсбук.
Милијардерот Илон Маск, сподели слично тврдење, кое доби повеќе од 25 милиони прегледи.
„Што ако 58 отсто од доларите на американските даночни обврзници испратени до Зеленски никогаш не стигнале во Украина? Каде отидоа парите? Дали ЦИА зеде дел?“, се вели во објавата што ја сподели на 2 февруари.
Но, изјавите на Зеленски дадени во интервјуто на Асошиејтед Прес не се доказ за перење пари, туку се совпаѓаат со податоците за јавните податоци за трошењето на САД, пишува ПолитиФакт.
„Голем дел од парите што САД ги посветија за помошта во Украина се трошат во САД за домашни производители на оружје и за операции на американската војска и влада. Директната воена поддршка за Украина изнесуваше околу 70 милијарди долари од 175 милијарди долари што Конгресот ги присвои. Парите не се перат, туку се трошат како што планира Конгресот“, се вели во анализата а порталот.
Објавата на Фејсбук со коментарот за „перење пари“ беше означена како дел од напорите на Мета да се бори против лажните вести и дезинформациите на почетната страница на Мета.
Маск, кој има водечка улога во администрацијата на претседателот Доналд Трамп, ја критикуваше американската помош за Украина и на други места.
Водејќи го Одделот за владина ефикасност, невладина советодавен одбор кој Трамп го задолжи за намалување на федералните трошоци, Маск доби пристап до платниот систем на американското Министерство за финансии и работи на затворање на американската Агенција за меѓународен развој, независна владина организација кодифицирана со закон која обезбедува хуманитарна помош и помош при катастрофи во странство.
– Замрзнувањето на најголемиот дел од странската помош не ја запре американската воена помош за Украина – рече Зеленски на 25 јануари.
Но, хуманитарните организации во Украина мораа да ги прекинат услугите бидејќи нивното финансирање престана, напиша „Њујорк Тајмс“.
ПолитиФакт во својата анализа дава подетален преглед пишувајќи дека тврдењата за перење пари во Украина не држат вода.
„Откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, Конгресот усвои пет нацрт-закони за помош на воените напори на Украина, во вкупна вредност од речиси 175 милијарди долари. Дополнителни средства беа обезбедни преку извршни наредби.
Сепак, тие пари не беа директно доставени до владата на Украина. Aнализата на американскиот Совет за надворешни односи покажува дека од 175 милијарди долари што Конгресот ги присвоил, околу 100 милијарди долари помош ѝ се испраќаат на Украина“, се вели во написот.





