Каде завршиле 200.000 евра од Клиниката за детски болести?!

Ревизорскиот извештај за работата на Клиниката за детски болести за 2022 година покажува кусок од 200.000 евра и бараме Јавното обвинителство да ги провери овие наводи, затоа што за недомаќинското работење на СДСМ и на ДУИ мора да има одговорност.



Додека СДСМ и ДУИ беа на власт, институциите и државните ресурси ги гледаа само како место од каде ќе испумпаат државни пари во нивните приватни џебови, обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Партијата бара Јавното обвинителство да покрене истрага каде завршиле 200.000 евра од Детската клиника во Скопје.

  • Недомаќинското работење со институциите на системот од страна на СДСМ и на ДУИ секојдневно излегува на површина. Тоа го потврдуваат и релевантните институции, како Државниот завод за ревизија. Таков е и примерот со Извештајот за работата на Клиниката за детски болести за 2022 година. Во него може да се види дека вредноста на материјалните средства, од материјалната евиденција на Клиниката е за 13,9 милиони денари помала од вредноста искажана во сметководствената евиденција, а на крајот на годината била помала за 12 милиони денари. Се поставува прашањето, зошто се јавува толкава разлика во материјалната евиденција во споредба со сметководствената?“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Ова отвора сомнежи и индиции за сторен криминал во вредност од над 200 илјади евра, се додава во соопштението.

  • Дали над 200.000 евра наместо за инвестиции во клиниката и третман на најчувствителната категорија граѓани, децата, завршиле во приватни џебови? Ова е состојба само во една здравствена установа и тоа само за една календарска година, а кој знае што правеле СДСМ и ДУИ во останатите установи во текот на нивното седум годишно владеење“, се вели во соопштението.

За ваквото недомаќинско и криминално управување со државните институции, се додава, мора да има одговорност.

  • Го повикуваме Јавното обвинителство да не чека, веднаш да постапи по наводите во Извештајот на ДЗржавниот завод за ревизија и да испита каде завршиле над 200.000 евра од Детската клиника“, бара ВМРО-ДПМНЕ.