И Фрчкоски удри по „професорките-џивџанки“ за албанскиот јазик

Законот за јазиците е уставен, а професорките кои го критикуваат нечесно манипулираат и го „омајуваат народот“, тврди професорот Љубомир Фрчкоски.



Во колумна објавена на „Либертас“ и на неколку други портали професорот во неговиот познат стил (поради кој своевремено, впрочем, и ја стекна популарноста меѓу читателите) ја брани уставноста на контроверзниот закон и истовремено ги навредува и омаловажува критичарите, во прв ред неколкуте негови колешки кои се осмелија гласно да се произнесат против неговата оправданост и легитимност.

По серија забелешки дека противниците на законот не се способни да направат дистанца меѓу своиоте „приватни одиуми, нетрпеливости, омрази или стравови“ и „скрупулната ладна компаративна анализа на законските и уставните одредби релевантни за законот“, професорот на скопскиот Правен факултет почнува со објаснување:

„Зошто е законот за јазици уставен? Од два аспекта тоа се оценува: првиот е дали има уставна основа на која се потпира, од која извира можноста да биде донесен, а вториот е подетална компарација дали неговите одредби (и кои) се во судир со уставните норми (и кои)!
Законот за јазици од првиот аспект се потпира на ставот пет, од членот седум на Уставот (Амандман 5) кој се однесува на јазикот, каде се вели дека: „…Во органите на државна власт на Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик може да се користи во согласност со закон….“! Тоа е јасно, таков закон е овој закон и точка!“- инсистира Фрчкоски.

Понатаму во текстот Фрчкоски се обидува да докаже дека на јавноста и е подмената манипулација со намерно исфрлениот термин „двојазичност“ и преку примери докажува дека и со овој закон македонскиот јазик сепак ќе има преднос во однос на албанскиот;

„Оваа одредба експлицира дека другите јазици (албанскиот во овој случај е предмет „на спор“), можат да се користат во службена употреба во сите органи на државната власт (на целата територија и во судството бидејќи е тоа независен, но неспорен дел од уставно-поделената државна власт во целина). Но ова не значи ниту дефинира дека тие други јазици се во еднаква официјална (службена) употреба во таковите случаи. Што не го согледуваат во емотивна лутина нашите експертке-миличке!

Имено, македонскиот јазик согласно претходните уставни одредби на членот 7 е БЕЗ УСЛОВИ во употреба како официјален јазик на целата територија и во сите органи на државната власт, како и и во меѓународните односи. За разлика од тоа (а тоа е супстанцијална разлика) друг јазик кој го зборуваат најмалку 20% од малцинските заедници, а има можност да се користи во службена употреба: прво, не се користи во меѓународните односи, а второ, кога се користи во сите државни органи и на цела територија на државата – тоа е ПОД УСЛОВИ наведени во законот. Што значи, дека не се работи за лесно-изречената „двојазичност“ што имплицира математичка еднаквост и сила на употребата на двата јазика!

Да видиме сега кои се тие услови на употребата на друг јазик на целата територија и во сите органи на државната власт?

Начинот на кој се конципирани сите членови на законот е следен: во првите ставови на членот е поставена општата можнст за користење на двата јазика, македонскиот и другиот кој го зборуваат најмалку 20 % од населението (албанскиот), а во следните ставови е поставен под кој услов се активира, оперативно се користи другиот јазик.

Да го земеме на пример членот 9 од Законот за употреба на друг јазик во судските и сите други постапки пред различни органи: прво се дава можност за користење на двата јазика, а потоа во ставовите 2 и 3 се кажува под кој услов се активира водењето на постапката на друг јазик освен македонскиот, а тоа е ако некој клучен учесник на тие постапки (судија, обвинител или странка) го зборува другиот (албанскиот) јазик како мајчин. Под тој услов се активира неговата „службеност“. Така е и во членовите 10 и 11 (нотари, извршители и затвори). Нормално е дека сите документи, закони и други акти кои се однесуваат за населението во целина каде дел се граѓаните од другите заедници се објавуваат и на двата јазика“ – тврди професорот Фрчкоски.

Тој ги коментира и промените кои ќе се случат на банкнотите, униформите на полицијата, личните документи, граничните премини…

„За банкнотите е речено дека на нив се користат и културните симболи на заедниците кои се малцински (а не јазикот како е манипулирано, член 8). На написите на полицијата, албанскиот се користи само во општините каде малцинството е најмалку 20% , а не на целата територија (како е манипулирано). За сите лични документи за граѓаните од немнозинските заедници кои се најмалку 20%, по лично барање и на нивниот јазик (член 12, став 3, и член 14). На граничните премини само во граничните општини каде има најмалку 20% албанско население (член 16, став 2).

Генерално во член 1 став 1 дефиниран е „безусловниот“ службен јазик, македонскиот и неговото кирилско писмо и неговата употреба на целата територија и во меѓународните односи, а во вториот став дадена е можноста за употреба: „… во службена употреба“ (не се користи термин втор официјален јазик) е и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од немнозинските заедници (албанскиот)“ – потенцира Фрчкоски.

На крајот на колумната тој уште еднаш се потсмева со знаењата и интелектуалните способности на професорките, нарекувајќи ги „експертке“ и „џивџанке“ но и покрај бруталнсота на стилот, несомнено е дека Фрчкоски им фрли ракавица во лице на критизерите на законот наметнувајќи ново „строго правничко“ а ослободено од емоции толкување, на кое со нетрпение очекуваме адекватен одговор.

Во колумната Фрчковски им се обраќа на професорките Гордана Силјановска, Каролина Ристова – Астеруд, Симона Груевска – Маџовска, Билјана Ванковска и академик Катица Ќулафкова кои се меѓу ретките кои што предупредуваат дека Законот за јазицоте е противуставен и дека го дерогира целиот македонски правен систем.