Во обраќањето на Мечкин камен денеска Талат Џафери порача дека дошол за да оддаде почит на „хероите Илинденци кои се вградија во сегашноста во која сите живееме“ и да се поклони пред Крушевскиот манифест, од кој цитираше едно парче.
„Елајте браќа муслимани при нас, да тргнеме против наши и ваши душмани, елајте под бајракот на автономна Македонија,Македонија е заедничка наша мајка и вика за помош. Елајте да ги скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме од маки и страдања“ изрецитира претседателот на Собранието на Република Македонија и главен покровител на манифестацијата во Крушево, но не успеа да ги запре свирежите на дел од присутните на Мечкин Камен.
Џафери додаде дека сите кои живеат во Македонија треба да бидат среќни што претците се бореле за правда и еднаквост, додавајќи дека водачите на Илинденското востание, Никола Карев, Гоце Делчев, Даме Груев имале висока развиена свест за соживот меѓу граѓаните без разлика на нивната вера, етничка припадност, пол и социјален статус.

Џафери рече и дека граѓаните имаат една заедничка татковина и тие се одговорни за нејзиното зачувување и за нејзин развој за идните поколенија. Сите кои живеат во Македонија, како што истакна, споделуваат уште една заедничка определба и сон, а тоа е целосна интеграција во ЕУ и НАТО. Но, за жал, според него, на патот за остварување на стратешките определби, пречка е спорот со Грција. Џафери порача дека е оптимист и дека е длабоко убеден оти ако се постапи зрело и сериозно ќе се надмине проблемот.
„Владата работи на решавање на отвореното прашање за што побрзо да се посветиме на реформите, доколку сакаме да се вратиме на брзата пруга за членство во НАТО и за почеток на преговори со ЕУ“, рече тој.
Во однос на договорот со Бугарија, Џафери изрази надеж дека релативно брзо ќе биде ратификуван во двата парламента. Периодот кој следи, според него, налага многу работа, тешки одлуки и решенија кои во разумен рок ќе резултираат со придобивки за сите граѓани.
Собранието, како што рече Џафери има капацитет и верува дека има и политички волја да ја исполни обврската од владиниот план 3- 6 -9, при што и другите столбови на власта, извршната и судската имаат капацитет да ги исполнат своите обврски.





