Поминувањето на црвено, движењето со поголема брзина од дозволената, погрешното паркирање и сличните прекршоци ќе бидат регистрирани од новите камери на „Сејф сити“, а казните за сообраќајните прекршоци ќе пристигнуваат на домашните адреси на сопствениците на автомобили.
За „Плусинфо“ од МВР велат дека сѐ уште не се донесени законските промени за да биде пуштен во функција системот.
Со овие промени треба да биде овозможено фотографијата за сторениот прекршок од страна на возачот да се користи како доказен материјал за негово санкционирање.
„ Во постапка се измени и дополнувања на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со цел да се уреди начинот на обезбедување и испраќање на доказниот материјал од сторителот на прекршокот“, велат од МВР.
Секој сторител на сообраќаен прекршок што ќе биде „фатен“ од камерите, на домашна адреса ќе добие фотографија од возилото со регистарската табличка, местото, времето и опис за тоа кој прекршок е направен.
„Доколку сопственикот го негира прекршокот, тврдејќи дека тој не го управувал возилото за кое е утврдена казна, тогаш повторно ќе му биде испратена фотографија само од лицето кое го возело автомобилот, но не и на другите патници кои се наоѓале во тој момент во возилото.
Тогаш казната ќе биде наменета за возачот, но не и за сопственикот на автомобилот. Приватноста на секој од возачите ќе биде загарантирана, па затоа фотографии ќе добива само лицето кое го управува автомобилот“, објаснува извор на „Плусинфо“






