Нема потврда дали и ова е дел од „мерките за градење доверба“ и дали е проблематичен „каруселот“, како дел од проектот „Скопје 2014“ или името на плоштадот „Македонија“.
Непосредно по средбата во Давос, на која премиерот Зоран Заев изрази подготвеност за промена на имињата на скопскиот аеродром и на главниот автопат во знак на „откажување од иредентизмот“, се јавија и властите на главниот град.
Скопје ќе го демонтира каруселот (вртелешката) од плоштадот „Македонија“, но и тој во близина на црквата „Света Богородица”.
Тие ќе бидат демонтирани и преселени на некое друго место, најавиле од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов, пренесуваат локални медиуми.
Двете вртелешки биле поставени на несоодветни локации и го попречувале слободното движење на пешаците, пренесуваат медиуми кои потсетуваат дека вртелешката за деца на плоштад „Македонија“ беше поставена во 2013 година и чинела 160.000 евра, а втората поставена лани пред споменатата Црква чинела 187.000 евра.




