И рече Зола: Пред нас е тешка работа, треба одново да ја изградиме Франција (Македонија)

Драган Милосављевиќ



Жан Макар, главниот јунак во славното дело на Емил Зола, Слом или Пад (La Débâcle, 1892) со тешки маки ја преживува Француско-пруската војна од која неговата земја излегува разурната, поразена, понижена и речиси уништена. И сосема на крајот на романот, додека го гледа изгореното поле, урнатата куќа, додека потиштен и огорчен мора да избере правец, Зола го испраќа во легендите и притоа го завршува ремек делото со следниве зборови: Жан беше ојаден како никој, но сепак тргна во пресрет на иднината, подготвен да се фати за голема и тешка работа, повторно да се изгради цела Франција.

Каква врска ова има со нас? Па ете, има. Заев и неговото здружение на граѓани/граѓанки својски се потрудија да ја разурнат Македонија, полошо од Франција во војната со Прусија пред 154 години. Притоа, не само крадејќи без усул и корумпирајќи без срам, туку по се изгледа свесно, што би се рекло баш конструктивно, направиле се за да ја деконструираат Македонија. Луѓето кои по промената на власта се најдоа во државните институции, државните компании, државните уреди и згради сведочат дека се е така разнебитено, така систематски уништувано, небаре претходните да биле на задача институционално, економски, историски и морално да ја упропастат сопствената земја. Ова, ако се докаже дека е така, веројатно ќе се изучува во книгите понатаму како редок пример на злосторство против својот народ, рамно можеби не по стилот но по резултатите секако со некои егзотичи држави од источна Африка, на пример.

И во такви околности, сегашната власт се пофали со отворање на Експресен пат од Страцин до Крива Паланка. Направен според ветеното. Па оддржаа говори, се сликаа така полуизмрзнати.

Големо чудо, велат едни.

Море фалење за едно патче, додаваат други.

И можеби се во право. Пат како пат, па нека е и експресен. Но, велам јас, нека се фалат. И гајди нека им свират, ама само да градат. Не да уриваат како граѓаните/граѓанките претходно, туку да создаваат нов квалитет. И патишта бидејќи ги нема доволно и фабрики бидејќи ни требаат уште повеќе. Но и училишта, болници, стадиони, базени, сали, гранични премини. И на сето тоа да растат платите и пензиите, криминалците да лежат во затвор а соседите веќе да не се однесуваат со Македонија како со нивна прчвараница. Па нека се фалат сегашниве, ако сакаат и балет нека им се игра по секој успех. На кој не му се допаѓа лесно може да смени канал за да не ги гледа. А не како досега да мора да менува држава. Од тоа ни е доста. И предоста, ако сме реални.